Експериментот во кој со кранови беа подигнати врзани носорози свртени наопаку, за да се утврди каков ефект има тоа врз животните, доби една од годинашните Иг Нобелови награди. Други добитници на оваа необична награда проучуваа бактерии во гуми за џвакање залепени за асфалт, потоа како да ги контролираат лебарките на подморници итн.
Годинашната лажна церемонија за Нобелова награда не можеше да се одржи во вообичаениот простор на универзитетот „Харвард“ во САД поради ограничувања поврзани со пандемијата, па наместо тоа, таа се случи на интернет.
Организаторите на церемонијата, списанието за научен хумор „Аналс оф Импробабл рисрч“, велат дека нивните Иг Нобелови награди треба прво да ве насмеат, но и да ве натераат да размислите. Студијата за носорози, која оваа година ја доби наградата за истражување на транспортот, го прави токму тоа. Што може да изгледа полудо од 12 врзани носорози што висат наопаку 10 минути? Но ветеринарот за диви животни Робин Редклиф од универзитетот „Корнел“ и неговите колеги го направија токму тоа во Намибија, затоа што сакаа да знаат дали здравјето на животните може да биде загрозено на тој начин. Имено, ваквиот начин на транспорт до другите живеалишта во Африка станува сѐ почест, без никој претходно да провери како влијае тоа на нивното здравје.
– Намибија беше првата земја што застана и рече: Еј, ајде да го проучиме ова и да сфатиме, дали е безбедно да се прави тоа за носорозите? – рече тој за „Би-би-си њус“.
И така, неговиот тим, во соработка со Министерството за животна средина, шумарство и туризам на Намибија, го спроведоа експериментот. Се заклучи дека животните се снашле многу добро. Всушност, има докази дека носорозите биле подобри во оваа необична положба отколку кога едноставно лежеле со градите надолу или на страна.