Изртија семките кои кинеската мисија „Чанг’е-4“ ги однесе на Месечината, јавува Кинеската национална вселенска агенција, пренесува Би-би-си.

Ова е првпат било каква биолошка работа да израсне на Месечината и тој настан се смета за важен чекор кон долгорочно истражување на вселената.

Имено, веќе се одгледани растенија во вселената, на Меѓународната вселенска станица, но никогаш на нашиот природен сателит.

Способноста и искуството за одгледување на растенија на Месечината е важно за сите други проекти на долгорочните вселенски мисии, како што е патувањето на Марс што би требало да трае околу две и пол години. Тоа би значело дека астронаутите би можеле да користат храна што сами би ја одгледувале во вселената, намалувајќи ја со тоа потребата да се вратат на Земјата за ново снабдување со прехранбени продукти.

Кинеските државни медиуми објавија денеска дека од семките на памук никнале првите растенија, а објавени се и првите фотографии од никулецот.

Фред Вотсон, астроном од австралиската опсерваторија, изјави за Би-би-си дека ова се многу „добри вести“.

– Овој успех укажува на тоа дека можеби во иднина нема да има некои непремостливи проблеми за астронаутите да одгледуваат во контролирани услови сопствени насади на Месечината – додаде Вотсон.

Тој појасни дека постои голем интерес за инсталирање на база на Месечината, која би можела да се користи како попатна станица за летовите за Марс, со оглед на близината на Месечината до Земјата.

– Знаењето за растот на растенијата во средина со ниска гравитација ќе ни овозможи да ги поставиме темелите за идното воспоставување на вселенска база – рече Си Генгксин, водител на проектот за мини еко систем во „Чанг’е-4“, при тоа додавајќи дека памукот, на пример, би можел да се користи за облека, додека компирот би можел да биде извор на храна за астронаутите. Тој додава дека маслената репка би се користела за производство на масло.

Истражувачкиот лунарен модул „Чанг’е-4“ беше лансиран од Земјата на 8 декември на таканаречената темна страна на Месечината, каде што безбедно слета на 3 јануари. Малиот ровер „Јуту 2“, управуван далечински, го напушти модулот и тргна во истражување и анализа на површината на Месечината.

Кинеската мисија „Чанг’е-4“ ќе го анализира тлото и ќе ја мери температурата за да дојде до нови сознанија во врска со катаклизмичниот судар од кој настанала Месечината и да го открие потеклото на вода што ја има неочекувано многу во тлото на нашиот природен сателит.

Според информациите на агенцијата Синхуа, сондата на Месечината носи растение познато под латинскиот назив (Arabidopsis), за кое се очекува да израсне во првиот цвет на Месечината. Во сондата се наоѓаат и други растенија и животни, како памук, маслена репка, компир, овошна мушичка и квасец.

Модулот „Чанг’е-4“ ќе го проучува кратерот Вон Карман што се наоѓа во базенот на Јужниот пол – Аиткен, за кој се смета дека настанал при силен удар на некое друго небесно тело во површината на Месечината.

– Јужниот пол -Аиткен има дијаметар поголем од 2.500 километри и е длабок 13 километри. Станува збор за еден од најголемите ударни кратери во Сончевиот систем, како и за најголем, најдлабок и најстар базен на Месечината – рече за Би-би-си Ендрју Коутс, професор во Лабораторијата за вселенски науки Мулард.