„Медена земја“ веројатно нема да освои „оскар“ иако го заслужува тоа, особено во конкуренција за најдобар документарен филм, според предвидувањата на Џејк Којл за „Асошиејтед прес“, во пресрет на церемонијата на доделувањето на престижните филмски награди в недела. „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, е првиот документарец со две номинации за „оскар“.

Најдобар документарен филм

Во категоријата најдобар документарец, покрај „Медена земја“, номинирани се „Американска фабрика“, „Пештерата“, „На работ на демократијата“ и „За Сама“.

Ќе победи: „Американска фабрика“

Треба да победи: „Медена земја“

– Многубројните одлични документарни филмови што се снимаат денес, едвај можат да бидат сместени од една категорија. „Американска фабрика“, првиот филм објавен од Барак и Мишел Обама веројатно ќе ја добие наградата. Но, „Медена земја“ е исклучително интимен и сепак ја нагласува глобалната алегорија за заштита на животната средина – смета Којл.

Најдобар странски филм

Во категоријата најдобар странски филм, конкуренти на „Медена земја“ се: „Корпус кристи“, „Клетници“, „Болка и слава“ и „Паразит“.

Ќе победи: „Паразит“

Треба да победи: „Медена земја“

– Ова ќе биде лесна победа за „Паразит“ – категоричен е филмскиот познавач Којл.