Исла Мухерес или во превод остров на жените, местото каде што се сретнуваат Мексиканскиот Залив и Карипско Море, околу 13 километри оддалечен од полуостровот Јукатан, го красат неколку специфики. Овој мајански остров бил посветен на божицата на плодноста, на месечината и на среќата, а на јужната страна се наоѓа нејзиниот свет храм. Тука се најдени остатоци на пет мајански куќи, а една од нив служела како светилник – низ дупките во ѕидовите морепловците можеле да ја видат светлината.

Во 1517 година островот го открил Франциско де Кордоба и, според легендата, на островот пронашол само една калуѓерка и неколку жени, па така и го нарекол остров на жените.

Исла Мухерес е широк само неколку стотини метри, а долг само 7 километри. Познат е и по уникатната вила, куќа во вид на морска школка, што може да се изнајми за цена од 230 евра за ноќ, но потребно е да се резервираат најмалку две вечери.
Гостите може да уживаат во базенот или да скокнат до плажата, да нуркаат или да се прошетаат по 7 километри долгиот остров. Единствена мана се мацаклините – мали зелени гуштери, што ги има во огромен број. Месното население ги третира како миленици и вели дека одат само до куќите чии сопственици се добри.