Исланд е повторно отворен за туристите дури и во време на ковид-пандемија, но само за оние кои годишно имаат приход од 88.000 долари 

Пред една година, приходот од туризам сочинувааше 42 отсто од економијата на Исланд, и додека земјата го искористи застојот предизвикан од ковид-пандемијата и вложи 12 милиони долари за подобрување на патиштата и изградба на хотели за идните туристи, сега нестрпливо чека туристичката индустрија повторно да оживее откако забележа пад од 79 отсто, пренесува „Блумберг“.

Поради намалениот број на туристи чија бројка годишно достигнуваше и до два и пол милиона посетители, Исланд ја прошири својата долгорочна визна програма надвор од европската шенген-зона и им овозможува на странците да останат како „привремени граѓани“ до шест месеци во земјата, иако границите се затворени поради пандемијата. 

Сепак, постои една мала одредба, која е во висина од 88 илјади долари, односно секој што сака да добие дозвола за продолжен престој мора да приложи доказ за работен однос со странска компанија, или доказ за самовработување во земјата каде што има постојан престој и да ги исполни условите за приход и здравствено осигурување. Тој праг на приход изнесува еден милион исландски круни месечно, што е околу 7.360 американски долари месечно или 88.000 долари годишно, пренесува „Блумберг“.

– Идејата е да се привлечат луѓе со високи приходи од Силиконската долина или пак од Сан Франциско, кои ќе дојдат овде за да ги трошат своите пари – изјави поранешниот парламентарец Аста Гудрун Хелгадотир.

Исланд не е единствената земја која донесе ваква одлука. Бермуди, Барбадос, Кајманските Острови и Естонија исто така ја искористија стратегијата за да обезбедат приходи од странство за време на пандемијата од која страда нивниот туризам.

Исланд чие население брои 361.313 жители, верува дека целта е да се поттикнат инвестиции без притоа да се создадат метежи, како и без да настане оптоварување на националниот здравствен систем.

Исланд се надева дека долгорочните туристи со нивниот престој и трошење ќе ја оживеат економијата преку изнајмување на куќи во природа, престој на туристички дестинации и кампување, како и преку посета на скапите ресторани. Доказот за приход исто така ќе спречи иконкуренција меѓу привремените жители и Исланѓаните кои се во потрага по работа.