Почнавме да возиме во џунгла по широк земјен пат. Понатаму продолживме по т.н. сингл трек, чудни грмушки и мали дрвја, на крајот завршиме на терен без вегетација, со снег до недоглед, раскажува Никола Нешкоски

„Возењето велосипед низ светот почнува со еден удар на педалот“, вели авантуристот Скот Стол. Така почна и одисејата на Никола Нешкоски, кој заедно со Лазо Миновски и Иља Деревјев, на две тркала го искачи највисокиот врв на Килиманџаро во Танзанија. Со тоа, тие се запишаа како првите Македонци што со велосипед ја искачиле највисоката планина во Африка. Направија подвиг со кој го издигнаа македонскиот велосипедизам на едно ново ниво. Планинскиот велосипедизам не станува лесен со текот на времето, туку велосипедистите стануваат посилни, поиздржливи, побрзи, подготвени за поголеми залаци и епски предизвици.
– Ова беше долго планирана авантура, која се одложи поради појавата на ковид-19, но не се откажа. Најдовме начин како да ја реализираме, и тоа 100 отсто успешно. Идејата беше сите шестмина од тимот да се качиме и да се симнеме, тројца со велосипед, тројца со планинарење. А дополнително сакавме и да испишеме историја во македонскиот планински велосипедизам и првпат да го допреме врвот на Африка со велосипед. Интересно беше тоа дека освен со мислата за искачување на врвот, моравме да размислуваме и на тоа дали сите од нас ќе се качат во авион во правец накај Африка, поради тестирањето за ковид-19. Истово ова важеше и за назад. Но сите здрави и со позитивна мисла успеавме да ја завршиме целата предвидена агенда. Целото патување и логистика во Африка ги организиравме сами, во директна комуникација со локални водичи од националниот парк Килиманџаро – раскажува Никола Нешкоски.

Целата авантура на македонскиот тим траеше околу четири дена. Почнаа со возење на околу 1.900 метри надморска висина, од т.н. порта Килема, при што првиот ден искачиле 3.700 метри висина (домот „Хоромбо“).
– Но не застанавме тука, веќе утредента по долги дискусии решивме да се искачиме на висина од 4.700 метри (домот „Кибо“), нешто што претставуваше ризик од аспект на можно соочување со висинска болест, нешто што го мислевме сите за време на патувањето. Имавме опции да одиме до висина од 4.000+ (4.100/4.200/4.300) и да се вратиме пак назад во домот „Хоромбо“ (ден за аклиматизација), но во моментот на тргнување, а и за време на целиот ден, кој, според мене, беше најкритичен за совладување на висината, сите се чувствувавме одлично и решивме да продолжиме до крајната цел – домот „Кибо“ на 4.700 метри висина. Идејата беше да ги оставиме велосипедите таму, да се вратиме пешки до „Хоромбо“ и утредента заедно со остатокот од екипата да се упатиме кон домот „Кибо“, од каде што ќе започне последната етапа – искачување на врвот Ухуру – 5.895 м н.в. Утредента, откога веќе сите стигнавме успешно во домот „Кибо“ имавме краток одмор од неколку часа, по што околу полноќ се упативме кон врвот Ухуру. Овие два дена беа посебни за мене, бидејќи на син ми му беше роденден на 16 февруари, а мене на 17, и некако еден куп пријатни емоции ме преплавија, од првиот момент, па до стигнувањето на врвот. Фантастично чувство, кое искомбинирано со стапнувањето на врвот веќе не можеше да се контролира – радост, среќа, збунетост. Сѐ во едно – се присетува Никола.

Во поглед на тоа што било клучно за успешна реализација, ги издвојува дисциплината, редовната и доволна исхрана и хидратацијата. Внесувале по околу пет литри течност секој ден преку супи, чаеви, вода, електролити. Посебен тренинг за подвигов немале, но тоа се должи на нивната константна физичка активност.
– Имавме константен тренинг низ годините претходно, а особено во оваа „карантинска година“ каде што буквално запнавме со интензивни активности во природа, како планинарење и велосипедизам. Би додал дека нешто што специјално го правевме за искачување на Килиманџаро беше одењето на Водно по патеки што не се за возење нагоре со велосипед, на снег. На овој начин сакавме да симулираме како би било кога ќе дојде таков момент за време на нашата авантура. Но морам да кажам дека и ова не е нешто ново, бидејќи константно ги искачуваме македонските врвови на овој начин – онаму каде што не може да се вози ги туркаме или ги носиме велосипедите на грб, додека надолу почнува забавниот дел. Ова ни е редовна практика изминативе години, така што и ова беше веќе познато и усовршено – истакна Нешкоски.

Искачувањето на Килиманџаро претставува комбинација од возење, туркање и носење велосипед, како и класично планинарење, со други зборови хајк енд бајк.
– Во поглед на пејзажите и патеките, започнавме во џунгла, каде што возевме по широк земјен пат. Понатаму продолживме по т.н. сингл трек и друг тип вегетација, чудни, но прекрасни грмушки и мали дрвја, за на крајот да завршиме на терен без вегетација, земја, карпи, снег, до недоглед. Комплет – мешавина од разноликост – раскажува Никола.