Погледнете ги корпулентниот истражувач на Арктикот, Питер Фројхен и неговата елегантна сопруга Дагмар, овековечени на оваа незаборавна фотографија од 1947 година. Секоја година приближно во ова време, кога воздухот во Њујорк станува толку студен, многумина познавачи се потсетуваат на портретот на Ирвинг Пен од 1947 година, на кој се гледаат маркантниот и многу висок (повеќе од 2 метри) дански истражувач Питер Фројхен и неговата ситна и нежна трета сопруга Дагмар Кон, модна илустраторка во магазинот „Вог“. Авторот на „Њујоркер“ пишува колку секоја година одново и одново ужива во оваа црно-бела визуелна рапсодија.

– Како прво – само погледнете ги пропорциите! Тој е толку голем, замотан во џиновска бунда од крзно на поларна мечка, додека таа е толку ситна во својот едноставен црн костум и бисерниот ѓердан. Единственото екстравагантно нешто на неа е шапката со панделка и мрежичка (многу модерна во оние времиња), но и таа е во сенката на неговото раскошно крзно. Интересно е и што изразите на нивните лица се многу експресивни. Неговиот – груб и застрашувачки, небаре гледа во ѕвер што сака да го улови. Нејзиниот – самозадоволен, прецизно наместен, некој дури би рекол дека се досадува. Таа изгледа како да не ѝ е удобно на прекривката од грубо платно, додека тој се перчи низ целата слика, зачекорен нанапред со едната нога, небаре готов да скокне врз објективот на камерата. Двојката не се допира, ако ја пресечете сликата на половина, може да стекнете впечаток дека се наоѓаат во различни соби, различни годишни времиња или дури различни векови. Сето ова го прави портретот на Пен моја омилена фотографија за зимските денови, но исто така и моја омилена метафора на бракот како институција – пишува колумнистот на познатиот магазин.
Фотографијата „Питер и Дагмар Фројхен“ е дел од серијата портрети што Пен ги создал во 1947 и 1948 година, во соработка со уметничкиот директор на „Вог“. Пен бил замолен да ги овековечи тогашните славни личности од светот на културата. Тој го користел истиот едноставен и аскетски стил со сите свои субјекти, фотографирајќи ги под едностран сноп од светла во ладни, недовршени студија, на чии подови лежат купишта расфрлани жици. Често ги фотографирал претставниците на уметничкиот свет застанати во едно катче од просторијата, или пак седнати на купче од волнен килим или метално столче на склопување.

Како што напиша историчарката Марија Морис Хамбург во еден од каталозите на музејот „Метрополитен“, егзистенцијалните портрети на Пен биле замислени да изгледаат невообичаено и брутално, како за неговите модели, така и за неговата публика. Оттука, логично е што Питер Фројхен прифатил да учествува во една ваква фотосесија, тој бил намќорест и жилав по природа. Роден во 1886-та во Данска, престанал со школување на возраст од 20 години и станал ложач на парен брод, кој пловел кон Гренланд. Одлуката ја донел по една студентска претстава за поларни истражувачи, сфаќајќи дека тоа треба да биде неговата животна професија. Следните три декади од својот живот ги поминал истражувајќи ги најстудените места на светот.
Според неговите многубројни дневнички записи и мемоари, смртта го демнела речиси на секој чекор: неколку дена бил заглавен во лавина, еден логорски готвач за малку ќе го застрелал, мислејќи дека е мечка, паднал во дупка под морскиот мраз и бил извлечен со помош на кучиња со санки. Но тоа не е сѐ – го пробол своето бедро со харпун додека се качувал на глечер, користејќи јажиња исплетени од кожа на фоки, потоа бил заробен во снежна пештера, бидејќи топлината на неговиот здив формирала непробоен пласт на излезниот отвор. Сакајќи да излезе од снежната пештера, Фројхен направил длето од, како што тој раскажал, сопствениот замрзнат измет. Додека бил заглавен, едно од неговите стапала замрзнало толку многу, што бил присилен самиот да си отсече неколку ножни прсти. Подоцна, тој го изгубил стапалото во целост.

Дагмар е негова трета сопруга. Првата била Ескимка, која починала многу млада, а по неа се оженил со богата данска наследничка на издавачка куќа. Заедно со Фројхен, таа основала женско списание во 1920-тите години. За време на војната, Фројхен, кој по потекло е Евреин, активно се вклучил во групата за антинацистички отпор, а неговите книги биле забранети од страна на Рајхот. Според мемоарските записи, тој бил заробен од Германците, но успеал да побегне со Дагмар во САД. Таму соработувал во снимањето на неколку холивудски филмови за ледениот север, а во меѓувреме учествувал и победил на квизот наречен „Прашање за 64.000 долари“.

Фројхен починал од срцев удар во 1957 година. Дагмар го надживеала за неколку децении. Во белешките на Пен, кои се однесуваат на славниот портрет, а ги запишал неговиот асистент, фотографот е восхитен од оригиналниот и специфичен стил на данскиот истражувач.
– Господин Фројхен ја донесе во студиото крзнената бунда од поларна мечка, купена на Гренланд. Ја завиткал во вреќа од јута, носејќи ја префрлена на едното рамо. Кога ја облече, изгледаше како чудесно оригинална комбинација од арктички истражувач и лик од Стариот завет – се вели во белешките. В.Б.Н.