Иранскиот музичар Мехди Рајабиан неодамна бил уапсен поради тоа што соработувал со жени. Тој вели дека му се суди затоа што во реализацијата на своите проекти контактирал со пејачки и со танчарки. Овој триесетгодишник веќе двапати бил во затвор поради обвиненија што се однесуваат на неговата музика. Последен пат зад решетки бил пред две недели поради неговиот последен проект.
Албумот, кој сѐ уште не е готов, треба да има и женски вокали, што е забрането во Иран, објави Би-би-си.
– Овој режим сака да го задуши мојот глас и инсистира да престанам да создавам музика – изјавил Рајабиан за Би-би-си.

Музичарот, кој живее во Сари, во северен Иран, открил дека на 10 август полицијата го уапсила и го извела пред суд поради тоа што со најновиот проект „ја охрабрува проституцијата во земјата“. Бил ослободен само затоа што неговото семејство можело да ја плати кауцијата. Рајабиан објаснил дека до апсењето дошло откако дал интервју за Би-би-си за своите сегашни активности, каде што било објавено видео со познатата персиска класична танчарка Хелиа Бандех. Тој веќе двапати бил во затвор поради музиката. Првпат во 2013 година, кога три месеци минал во самица со превез на очите. Подоцна бил осуден на шест години во злогласниот затвор „Евин“ во Техеран. Условно го пуштиле дури откако штрајкувал со глад.

Откако излегол на слобода, режимот внимателно ги надгледувал неговите активности. Рајабиан вели дека сега живее во изолација.
– Деновите на епидемијата на коронавирус за мене се секојдневие, бидејќи со години живеам сам дома. Тоа е исто како да сум преместен од помал во поголем затвор – вели тој.
Претставници на Би-би-си контактираа со иранското министерство за култура поради однесувањето на власите кон Рајабиан, но велат дека сѐ уште не добиле никаков одговор.