Еден од централните настани на претстојниот фестивал „Скопје креатива“ (11-13 мај, МКЦ) и оваа година ќе биде проектот ,,Инфо млади@креативни“, под покровителство на град Скопје, а во организација и реализација на ЈУ Конгресен центар Александар Македонски, во соработка со средните училишта во град Скопје. Настанот има за цел да ги интегрира знаењето и креативноста како основен човечки ресурс и потенцијал.

 – Во текот на годините, сведоци сме на бројни настани од областа на културата и уметноста што секако го заслужуваат вниманието на публиката, а особено од средношколската, која во последните години за жал станува се повеќе инертна во однос на директно вклучување на овие настани и најчесто нејзиното учество се сведува во мал процент во улога на можна публика. Креативноста е неодвоива од човековото битие и без неа нема иновативност, развој, ниту пак високо додадена вредност. Токму поради тоа овој проект има за цел да ги интегрира учениците од средните училишта и интерактивно да ги вклучи во предавањата и работилниците, водени од стручни лица и експерти, да се стекнат со знаење и вештини, но истовремено и да се поттикнат нивните организаторски способности со што ќе се придонесе за подигање на свеста кај средношколците – велат организаторите. 

Сите ученици учесници во работилниците ќе добијат сертификати за учество, а изработените производи од сите работилници ќе бидат претставени на фестивалот на креативни индустрии ,,Скопје креатива 2018“.  Годинава ќе се одржат неколку работилници. 

СУГС Гимназија ,,Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје со работилница за ,,Развивање на веб страници и веб апликации преку Java Script““, под менторство на Адмир Хусеини. Во воведната фаза на проектот учениците се запознаа со веб базираните платформи за учење W3 Schools и Udemy, и почнаа да работат на лекции за разивање на модерни веб страници и програмирање со HTML5, CSS3 и Java Script“. 

– Во првиот дел од работилницата, учениците се распроделија во тимови од 2-5 членови и креираа свои статични веб страници, кои во текот на наставата беа трансформирани во модерни, елегантни и динамични страници, кои се хостирани и пристапни до јавноста. Во втората фаза, учениците со понапредни знаења од програмирање ќе и м додадат интерактивност и функционалност на своите веб страници и ќе ги реализираат како скромни веб апликации. Во завршната фаза тие ќе напишат програми во ЈаваСцрипт, кои истотака ќе бидат пристапни преку веб страницата – вели Хусеини. 

Потоа следува работилница за ,,Дигитална фотографија“, под менторство на Игор Тодоровски, а вклучени беа учениците од СУГС ,,Никола Карев“. 

– Работилницата има за цел да ги запознае учесниците со историјата на фотографијата како и да ги воведе во основите на дигиталната фотографија. Намерата да се поттикне креативниот импулс на секој учесник и да се дојде до ниво кое ќе овозможи фотоапаратот (фотографијата) да бидат начин на уметнички израз. Добрата фотографија повеќе нема да биде случајност туку личен став и креација – вели Тодоровски, кој зад себе има повеќе од дваесет години професионално искуство како фотограф, фоторепортер и уредник на фотографија. 

Учениците од СУГС ,,Јосип Броз Тито“, пак, беа вклучени во работилница за ,,Стоп анимација“, наменета за изработување на стоп анимација – посебна техника за изработување на анимирани видеа со помош на рачно изработени модели, куклен театар, или манипулирани фотографии. 

– Целта е со помош на фотографии (фотографирање кадар по кадар) да се создаде заедничка видео приказна – вели менторката на работилница, Македонка Тошевски, која дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во 2009 година, отсек графика со графички дизајн.