Наместо во приватен авион, се фотографираат во студио

Гледајќи ги инстаграм-профилите на најпознатите светски инфлуенсери, веднаш се забележува дека станува збор за поединци со длабок џеб, личности што негуваат животен стил, кој ниту малку не се разликува од оној на холивудските ѕвезди. Секоја фотографија е испланирана и изрежирана, совршено обработена и се вклопува во претходно објавеното совршенство. Оние што имаат милиони следбеници мора да одржуваат одреден стандард, не само кога е квалитетот на фотографијата во прашање, туку и како изгледаат, начинот на живот…
Недостатоците на овие „слики“ навреме ги препознаваат само мал број следбеници, пред нивниот непостоен стандард да продолжи да влијае на нивната слика за себе, дури и на секојдневниот живот. Изложени на совршенство од сите страни, ги цениме оние што ни покажуваат како изгледаат работите во реалниот свет и колку значат аголот на фотографијата, моментот и позата. Денес такви профили има сѐ повеќе, но тука не се завршува приказната со инфлуенсерите со милиони следбеници.

Брендирана гардероба, скапи пијалаци, автомобили и приватни авиони се само дел од нивниот начин на живот. Но што ако сето тоа е една голема лага?
На Твитер е разоткриен уште еден голем мит, оној дека сите инфлуенсери патуваат со приватни авиони. Всушност, за фотографирање се користи најобично студио.
– Само што дознав дека девојките од Лос Анџелес користат фотографско студио уредено како приватен авион. Лудо е како сѐ што гледаме може да биде толку лажно, облеката, телото, дури и просторот на сликата – напишала една корисничка на Твитер и споделила фотографија како доказ.