Официјалната придружничка на кралот на Тајланд беше обвинета дека сака да ја засени кралицата и да ја „подрие нацијата“, што доведе до одземање на нејзините титули, по три месеци поминати во служба. Управителот на кралскиот двор беше отстранет поради „неколку неморални чинови“ меѓу кои е и наводното принудување на љубовницата да изврши абортус. А минатата недела, четворица дворјани исто така беа отстранети поради „екстремно злобно однесување“, пишува „Њујорк тајмс“.

По околу половина година од крунисувањето, кралот Маха Ваџиралонгкорн (67) состави двор чии интриги честопати се појавуваат на насловните страници на весникот „Ројал газет“, што вообичаено следи помирни теми.

Експлозивните детали од чистките во палатата претставуваат потполна спротивност во однос на резервираното држење на претходниот крал Бумибол Адулијадеј, за време на неговото седумдецениско владеење.

Неговиот син и наследник Маха Ваџиралонгкорн, пак, поминува поголем дел од времето во Германија и не ја продолжи традицијата на одржување блискост со граѓаните.