Дали во иднина ќе станеме мрзливи или бавни?

Истражувачите тврдат дека луѓето сè помалку ги паметат фактите и податоците, но сè повеќе ги паметат веб-страниците на кои можат да ги најдат, односно да ги прочитаат. Не е спорно и секому денес му е јасно дека сè помалку ни се потребни речници, енциклопедии и пријатели стручни во одредени области, бидејќи со неколку кликнувања решението е пред нас.
Идејата дека интернетот стана еден вид резервен ум, секако, не е нова, но истражувачите сè уште не можат да пронајдат како сево ова влијае на човечкиот мозок и на неговите функции. Дали во иднина нашиот мозок ќе стане мрзлив или бавен? Дали сево ова ќе значи промена во структурата и во димензиите на нашиот мозок? Тоа останува како предизвик за понатамошни истражувања и тестирања. Според истражувачите, ќе се случат некакви промени, но какви сè уште не се знае. Како и да е, нема сомнение дека интернетот сè повеќе станува еден вид надворешна меморија за фактички информации, а тоа го потврдува и една студија, неодамна објавена во списанието „Сајенс“.

Авторите на студијата, кои ја тестирале оваа хипотеза, велат дека кога им било поставено прашање на група испитаници, многумина не го знаеле одговорот, но 30 отсто од нив веднаш знаеле како да го најдат одговорот на интернет. Ова е потврда дека тие не се сетиле на фактите, туку на веб-страниците, бидејќи тие биле меморирани во нивниот мозок. Во тестирањето било утврдено дека боите на имињата на веб-страниците, при пребарувањето, немаат некоја битна улога. Сите субјекти во студијата биле студенти, што значи дека тоа се луѓе што пораснале со користење на интернетот како ресурс. Но интересно е тоа што истражувачите сметаат дека резултатите би биле слични и кај постарите генерации, односно кај „дигиталните имигранти“, кои успеале да се приспособат на новите информатички технологии.