Двете деца на француската рок-ѕвезда Џони Холидеј, се борат во судскиот случај за неговото наследство со помош на неговиот профил на Инстаграм, пренесува „Њујорк тајмс“.

Од 2012 година до денеска, неговиот инстаграм-профил беше збир од лични и професионални објави, промотивен материјал за неговите турнеи, а сега служи како доказ во борбата за наследството.

Во вторникот, инстаграм-профилот на Холидеј помогна во првиот дел од битката за наследството кое изнесува десетици милиони долари, а се води помеѓу вдовицата од неговиот четврти брак, Летисија Холидеј, и неговите две деца од претходни врски, Давид и Лаура.

По смртта на Холидеј во 2017 година, во сеф беа пронајдени два тестамента. Еден од тестаментите, напишан во Лос Анџелес, ја посочува неговата сопруга, Летисија, како единствен наследник и менаџер на неговиот имот. Документот ги исклучува неговите две деца од претходни врски, Давид и Лаура, кои се обидуваа да докажат дека нивниот татко поминал долг период од неговиот живот во Франција, а не во САД.

Летисија тврдела дека Холидеј се преселил во Лос Анџелес во 2007 година, а добил американско државјанство во 2014 година. Таа тврди дека тој решил да остане таму бидејќи бил фасциниран од Елвис Присли и американската култура и начин на живот.

Но, Давид Холидеј пред судот понудил поцврсти докази, заедничкиот инстаграм-профил на неговиот татко и Летисија. На профилот преку објавените фотографии се докажува дека тој поминал 151 ден во Франција во 2015 година и 168 дена во 2016 година.

Судот го прифатил доказот на Давид, пресудувајќи дека неговите деца имаат право над имотот на Холидеј. Од судот во Париз соопштиле дека за случајот ги прифатиле објавите на Инстаграм како јавни податоци. Летисија Холидеј планира да поднесе жалба за пресудата.