Неодамна, Европската агенција за безбедност на храната одобри употреба на еден вид ларви за исхрана на луѓето

Во последно време сѐ повеќе се дискутира во јавноста за влијанието на човечката исхрана врз животната средина, и тоа со добра причина. Прехранбената индустрија е одговорна за приближно една четвртина од сите емисии на антропогени стакленички гасови во атмосферата и се очекува нејзиното влијание врз климатските промени да биде уште поголемо во иднина.
Според извештајот на Светската организација за храна, во моментов околу две милијарди луѓе во светот се погодени од некаква форма на несигурност во исхраната, од кои околу 700 милиони страдаат од глад. Истовремено, Обединетите нации проценуваат дека до 2050 година во светот ќе живеат 9,8 милијарди луѓе. Растот на популацијата и унапредувањето на исхраната на населението во земјите во развој се причина за очекуваното зголемување на побарувачката за храна од 70 проценти до средината на 21 век.
За да се одржи глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови, емисиите на стакленички гасови ќе мора значително да паднат во следните десет години, што значи дека мора итно да се најде начин да се намали влијанието на прехранбената индустрија врз климатските промени. Еден од тие начини подразбира и значително поголема улога на инсектите во нашата исхрана.

Пазарот на производство на инсекти се развива

Не е тајна дека кога зборуваме за влијанието на исхраната врз климатските промени, најчесто мислиме на производството на месо, кое е одговорно за 58 проценти од сите емисии во прехранбената индустрија. Говедското и јагнешкото месо имаат непропорционално големо влијание врз климатските промени во споредба со другите намирници. Со производство на еден килограм говедско месо се произведуваат 10 пати повеќе стакленички гасови отколку со производство на килограм пилешко, 15 пати повеќе од одгледувањето еден килограм ориз, и дури 43 пати повеќе стакленички гасови отколку производството на килограм пченица. Жителите на Северна Америка и на Европа консумираат најмногу месо. Според истражувањето на престижното медицинско списание „Лансет“, на овие два континента се јаде четири пати повеќе црвено месо отколку што би било оптимално за да се зачува здравјето на луѓето и планетата. Покрај тоа, со растот на населението и животниот стандард во земјите во развој, внесувањето месо во овој дел од светот исто така се очекува да се зголеми.
Од она што ни е познато, јасно е дека ваквите трендови во начинот на кој се храни човештвото не се одржливи. Затоа пазарот на производство на инсекти сѐ повеќе се развива на светско ниво, што би можело да биде одлична замена за протеините што ги добиваме од месото, но истовремено да го направи и процесот на одгледување животни подобар за животната средина.

Иако можеби не е интуитивно, инсектите што се користат во исхраната се еднакво или дури и похранливи од месото. На пример, 100 грама скакулци имаат приближно ист протеин како пилешкото, свинското и говедското месо, додека присуството на железо во скакулците е значително поголемо.
При споредување на калориските вредности, скакулците може да се споредат со различни видови месо, сепак, одредени видови ларви за јадење имаат дури трипати повеќе калории од говедското поради големото количество маснотии. Поради големата разновидност на инсекти, тие не треба да се сметаат за хомогена група во исхраната, но јасно е дека видовите што се јадат можат да послужат како замена за месото. Инсектите можат да се воведат во исхраната на различни начини, а поради разликите во културите и одбивноста што западните општества ја имаат кон овој вид исхрана, тие често се мелат во прав и се додаваат како состојка во протеинските чоколади или брашно, од кое може да се месат различни видови печива.

Европејците „заборавиле“ да ги јадат низ историјата

Покрај тоа што се достапни за човечка исхрана, различни видови инсекти можат да се користат и како храна за живината, добитокот или рибите, со што може да го намали влијанието што го има производството на месо врз животната средина.
Можеби вистинското прашање би било кога инсектите ќе се вратат на нашата трпеза. Инсектите биле постојан дел од исхраната на нашите предци, а голем дел од светот никогаш не престанал да ги јаде. Околу две милијарди луѓе во светот во моментов користат околу 2.000 различни вида инсекти во нивната исхрана, претежно во Источна Азија и во Јужна Америка. Од друга страна, Европејците „заборавиле“ да ги јадат низ историјата, а таквите навики се пренесувале за време на колонизацијата на Северна Америка.
Сепак, работите брзо се менуваат. Неодамна, Европската агенција за безбедност на храната одобри употреба на еден вид ларви за исхрана на луѓето и се очекува наскоро да следува одобрување на други видови инсекти што се дел од исхраната на другите континенти. Во исто време, во последните неколку години е зголемено вложувањето во стартапи што се занимаваат со производство на инсекти како храна, а овој пазар ќе продолжи да расте и во иднина.
Моментално се чини тешко да се замисли дека нашата трпеза наскоро би можела да содржи големо количество протеини добиени од инсекти, меѓутоа со неопходните промени потребни за да се запрат климатските промени, тоа може да стане реалност. Иако прашање е дали Европејците ќе се навикнат да јадат инсекти во нивната интегрална форма, протеинскиот прашок, добиен од мелење ларви, би можел многу брзо да стане додаток во разни јадења, протеински чоколади и печива.