Во време кога Твитер е во долготраен конфликт со индиската влада во врска со одбивањето на компанијата да блокира одредени налози, многу сличната индиска социјална мрежа Ку станува сè попопуларна.
– Чувството е како одеднаш да сте се нашле во финале на Светско првенство и сите гледаат во вас – изјави Мејанк Бидаватка, коосновачот на Ку, за „Си-ен-ен бизнис“.
Апликацијата Ку, која ја рекламира индискиот премиер Нарендра Моди, а ја користеле повеќе официјални лица и министерства во неговата влада, е преземена 3,3 милиони пати оваа година. Тоа е ветувачки почеток за компанија основана пред помалку од една година, но има помалку од 4,2 милиони преземања на Твитер во Индија во истиот период. Во последниве години, владата на Моди го засили притисокот врз глобалните технолошки компании.

Неодамна беа воведени строги ограничувања на Фејсбук, Твитер и Јутјуб, а на вработените, наводно, им се закануваше затвор, помалку од една година откако беа забранети десетици кинески апликации, вклучувајќи ги Тикток и Вичет.
Во тој контекст, се појавија домашни алтернативи за многу од овие апликации, а некои, како Ку, брзо станаа популарни.
– Имаме талент, имаме ресурси, некои од нас имаат искуство, достапни ни се средства на располагање за остварување на ваквите соништа. А тоа се многу големи соништа – вели Бидаватка.
Со 750 милиони корисници на интернет во земјата и стотици милиони нови, кои првпат ќе се појават на мрежата, со владините регулативи, индиските апликации се охрабрени да се позиционираат на пазарот.