Буса Кришна, фармер од рурална овласт во Индија, го величел американскиот претседател до таа мера, што му изградил светилиште и секојдневно држел обреди. Кога дознал дека Трамп е заразен од ковид-19, тој паднал во депресија и престанал да јаде. Семејството во неделата се простило со Кришна откако тој починал од срцев удар, пренесува „Њујорк тајмс“. 

– На почетокот, мислевме дека тој е ментално ослабнат, но неговото однесување стана вообичаено, па полека семејството се навикна – вели Вивек Бука, негов братучед. 

Кришна бил приврзаник на Трамп околу четири години. Тој станал негов обожавател откако Трамп му се појавил во сон и му рекол дека индискиот национален состав ќе го победи Пакистан во крикет, на натпреварот следниот ден. Кога Индија навистина победила, Кришна започнал да го обожава Трамп.

Потоа, тој направил статуа во човечка големина и секојдневно се молел еден до два часа наутро, слично како во ритуалите посветени на обредите за Кришна, Шива, Ганеш и другите божества од хиндуистичкиот пантеон.

Кришна бил длабоко трогнат откако дознал за веста дека Трамп е болен од коронавирусот. 

– Тажам што мојот бог, Трамп, е болен од коронавирусот. Ве замолувам, молете се за неговото брзо оздравување – изјавил Кришна во видео кое го објавил на Фејсбук. 

Тој престанал да јаде, потоа станал депресивен, а во неделата починал од срцев удар. Неговата посветеност кон Трамп го направила национално познат, а стигнал и до насловните страници на индиските медиуми. Tој бил во добро физичко здравје и немал здравствени проблеми или срцеви заболувања. Нема докази дека смртта на Кришна не е поврзана со неговото изгладнување, според првичните информации.

Досега нема индикации дека Белата куќа или Трамп биле свесни за неговиот најголем обожавател во Индија. Популарноста на Трамп во некои делови на Индија е впечатлива затоа што тој има статус на дрска фигура што ги става САД на прво место и ги води кон светла иднина, слично како што премиерот на Индија, Нарендра Моди, се претставува на сопствените поддржувачи.

Кришна исто така се обидел да се сретне со својот идол. Тој ја посетил амбасадата на САД во Њу Делхи со цел да договори состанок пред посетата на Трамп во Индија, која се одржа во февруари. Жално е што неговиот сон никогаш не се оствари.

По смртта на Кришна, селаните дискутирале за тоа како најдобро да го одржат храмот на нивниот сосед кој го обожуваше и воспеваше Трамп како бог.