Индиската војска објави на својот профил на Твитер дека пронашла траги од стапки на митското суштество на Хималаите – Јети.

– На 9 април годинава, планинарскиот експедициски тим на индиската армија за првпат пронајде мистериозни траги од митското суштество Јети, во близина на базата Макалу – гласи објавата на индиската армија на Твитер.

Армијата соопшти дека траги од Јети во реонот на националниот парк Макалу-Барун досега биле наоѓани само во минатото.

Објавата наиде на бројни коментари и потсмев на социјалните мрежи.

Во фолклорот на Непал, снежниот човек Јети е ужасно високо мајмуновидно суштество (налик на митскиот Бигфут/Сасквоч во Северна Америка), кое живее на Хималаите, во Сибир, и во централна и источна Азија. Со оглед на отсуството на докази што одат во прилог на постоењето на Јети, повеќето, особено научниците, го сметаат за легенда.

Меѓутоа, како што пренесува „Тајмс оф Индија“, од армијата тврдат дека поседуваат „фотографски докази“ кои пред објавата на твитот биле испратени до „експерти на полето“ за да ја проверат нивната научна валидност.