Инвазијата од гасеници на Водно ќе се третира в година

Од причини што се работи за високоинвазивен и многу штетен инсект, неговото значење е уште поголемо, па професорот заедно со тимот истражувачи препорачал задолжителни мерки за заштита, односно уништување на гасениците од овој штетен молец на шимширот во текот оваа пролет

Инвазија од гасеници го нападна Водно. Целата планина е обвиена во пајажини. Шумските патеки што секој ден ги газат планинарите и рекреативците се како од хорор-филм. Рој гасеници висат на конче пајажина и направиле барикада на патеките. И покрај тоа што секој ден патеките се минуваат и делумно минувачите ги чистат, има наезда од овие штетници. Се размножиле во толку голем број што во моментов ја окупирале планината.

Професорот Стерја Начески од Шумарскиот факултет нѐ информира дека станува збор за шимшировиот молец, кој претставува високоинвазивен вид и од Југоисточна Азија е пренесен во Европа. Кај нас е регистриран уште во 2014 година, постојано се размножува, па затоа доаѓа до ваква масовна појава. Благите зими му годат на молецот и се причина плус да опстане и да се пренамножи во толкав број. Овен што е непријатна глетка за очи и што по телото се лепат пајажини и облазуваат гасеници, овој молец е опасен за зелениката или шимширот. Лисјата се нагризани, дрвјата соголени и подисушени, така што претставуваат опасна закана за овој вид.

Професорот вели дека алармирале минатата година да се преземе нешто за истребување на овој штетник, но никој не сторил ништо. Смета дека е најдобро со прскање со авиометод, што е доста скапа опција. Во моментов не постои поинакво решение. Следен третман може дури следната година, пред да се размножи следната генерација.

– Првпат го регистриравме во Македонија во 2014 година, во урбаните средини на Новоселски Пат и Ѓорче Петров. Потоа, шимшировиот молец е забележан во пренамножување и во целиот скопски регион. Неговата бројност во оваа година е доста висока. Потоа се шири и во Кавадарци. Со нашите здравствени прегледи, опсервации и анализи што се изведени во текот на 2015 година е регистрирано изразито присуство на гасеницата. Во следната генерација бројноста на еклодираните пеперутки се зголемува речиси на целиот урбан дел од градот, каде што има подигнато парковска вегетација од шимшир, или уште познат како зеленика. Во скопскиот регион се појавува со многу високо размножување, особено во јужниот дел од градот, населбите Црниче, Пржино и Водно. Но исто така висока бројност е забележана и на северната, западната и источната страна од урбаната средина на Скопје. Притоа, во повеќе наврати се собрани и колектирани еклодирани пеперутки од молецот на шимшир од тој дел на градот, кои понатаму се анализирани и препарирани во ентомолошката лабораторија при Шумарскиот факултет во Скопје – објаснува професорот Стерја Начески.

Анализите на трите појавени генерации од зелениковиот молец во градот Скопје покажаа дека популациската застапеност во текот на годината се зголемува од генерација на генерација. Исто така и штетите, односно целата лисна маса беше избрстена речиси кај сите садници од зеленика по дворовите и парковите.
Тие направиле истражување на популацијата на природната зеленика и резултатите биле загрижувачки, односно зелениката комплетно е нападната од овие штетници.

– Оваа појава веќе нѐ загрижува, поради тоа што во Македонија има повеќе наоѓалишта на зелениката, кои се протегаат најмногу во западните подрачја од Македонија, а на исток допираат до подножјето на Серта во реонот на Демир Капија. Овие природни наоѓалишта на шимширот во наредниот период можат да бидат потенцијални жаришта за појава на молецот и за негово проширување на поголема површина, со што би се загрозила урбаните средина од повеќе градови од тие региони.

Евидентна појава од овој штетен дефолијатор е забележана и во 2017 година во скопскиот регион. Особено во оваа 2017 известителна година се нападнати околу 1.000 хектари на Водно и првпат на 150 хектари се појавува на Матка, каде што претходно не беше застапен. Во однос на урбаните средини, освен во Скопје, сме го регистрирале во Велес, Тетово, Кичево, Кавадарци и во Охрид – додава Начески.
Од причини што се работи за високоинвазивен и многу штетен инсект, неговото значење е уште поголемо, па професорот заедно со тимот истражувачи препорачал задолжителни мерки за заштита, односно уништување на гасениците од овој штетен молец на шимширот во текот оваа пролет.

– Уништување на гасениците од овој штетен молец на шимширот во текот на пролетта 2018 год. е со регулатори на порастот, како што се „римон Е-10“ или „димилин“, со биопрепаратот „фораѕ“ и со пиретроиди – вели професорот.
Шимшировиот молец природно е распространет, односно потекнува од Азија. Потоа во Европа во 2007 година прво е регистриран во Германија, Холандија, Шведска, па постепено и кај нас. Гасениците по одреден период се преобразуваат во бели пеперутки. Ги гризат листовите на зелениката и имаат способност со пајажина да ги запердуваат лисјата и грмушките. Од ЈП „Паркови и зеленило“ ни кажаа дека се запознаени со случајот. Забележано е дека гасеницата се шири на шимширот, но сега нема што да се преземе.

– Им се погоди времето и масовно се размножуваат. Останува да ја следиме состојбата, па следната година ќе реагираме навреме и во планот ќе вметнеме и авиопрскање – велат од „Паркови и зеленило“.

Надлежните од градот Скопје исто така ни потврдија дека стручните лица на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве биле на терен, каде што ја детектираа појавата на посочениот инсект – гасеница (т.н. молец на зеленика – Cydalima perspectalis walker) во парк-шумата Водно, која има штетен ефект на дрвјата.

– Изминативе години појавата на оваа гасеница е евидентирана во повеќе држави во регионот. По консултации со стручни лица од Шумарскиот факултет, констатирано е дека оваа година е доцна да се третира против овој инсект, дека е потребно да се следи состојбата, и наредната година, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба, да се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати. Наредната година градот Скопје во својата програма за дезинсекција ќе ja додаде и ставката за третирање на оваа гасеница, каде што, доколку повторно се појави, ќе се третира против неа – изјавија од градот Скопје.