Семрежната филмска база на податоци (ИМДБ) објави листа на десет најпопуларни филмови и серии во 2021 година. Резултатите се базираат на реалните месечни прегледи на веб-страницата на оваа интернет-платформа. На листата на најпопуларни филмови оваа година нема драми или хорор-филмови, преовладуваат научнофантастичните и суперхеројските приказни.
Првиот најпопуларен филм на ИМДб е „Дина“, новата адаптација на научнофантастичниот роман на Френк Херберт. Во филмот, заплетот го следи младиот Пол Атреид, кому му е доверена заштита на највредниот имот и најважниот елемент во галаксијата. Филмот заработи многу, а веќе е потврдено и снимањето на продолжението во кое ќе заврши дејството од првиот роман.
На второ место е филмот „Одредот на отпишаните“, во кој најпознатите негативци се приклучуваат на тајната мисија да помогнат да се запрат уште поголемите негативци. Годинава излезе второто продолжение, а во првото продолжение од 2016 година во составот беше најголемиот противник на Бетмен – Џокер.

Покрај овие два филма, други филмови на листата на најпопуларни се: „Вечните“, „Мортал комбат“, „Лига на правдата на Зек Снајдер“, „Годзила против Конг“, „Црна вдовица“, „Армија на мртвите“, „Круела“ и „Шанг-Чи и легендата за десетте прстени“.
Слична е ситуацијата и со годинашните најпопуларни серии. На листата се наоѓаат суперхероите на Марвел, како и серии од научнофантастичниот жанр, како и многу популарна серија базирана на познати љубовни романи.
Оваа година најпопуларна серија е мини-серијата на Марвел „Вандавизија“. Заплетот на серијата го следи заплетот по филмот „Војна на бесконечноста“, во кој Вижн почина, а Ванда Максимоф се обидува да се справи со загубата на саканата личност. Мини-серијата го комбинира стилот на класичните ситкоми и Марвел, во кои Ванда и Вижн „живеат“ идеални животи во предградијата.
На второ место е „Локи“, уште една серија на Марвел. Заплетот на серијата се одвива по настаните во последниот филм „Одмаздници: Крај на играта“, а серијата доби многу позитивни критики. Следни се корејската хит-серија „Игра со лигњи“, „Соколот и зимскиот војник“, „Бриџертон“, „Живи мртовци“, „Мер од Истаун“, „Сенка и коска“, „Кобра Каи“ и „Луцифер“.