Џеф Безос

Богатството на Џеф  Безос стана актуелна тема на Твитер по тврдењата дека најбогатиот човек на светот ќе стане трилионер, делумно поради побарувачката во пандемијата која предизвика раст на акциите на „Амазон“ пишува „Форбс“.

Студијата што тврди дека Безос ќе стане трилионер е на платформата за советување на мали бизниси „Компарисун“, според која неговото богатство ќе достигне еден трилион долари до 2026 година.

Студијата е спроведена врз основа на пазарната вредност на највредните компании на њујоршката берза, како и врз основа на листата на „Форбс“ за 25-те најбогати луѓе во светот.

Но Безос има долг пат до станување на првиот светски трилионер. Во времето на публикацијата, „Форбс“ го процени неговото богатство на 143 милијарди долари во времето на објавувањето на публикацијата. Тој поседува удел од 11,2 отсто во „Амазон“ и неговото богатство се зголеми за околу осум милијарди долари од март.

Компанијата „Амазон“ се наведува како еден од „победниците“ во пандемијата, во која се зголеми побарувачката за онлајн-купување, стриминг сервисите и доставата на производи. Продажбата остварена од компанијата во првите три месеци годинава надмина 75 милијарди долари, што е значително зголемување во однос на 60-те милијарди долари од истиот период минатата година. Потенцијалниот втор бран на пандемијата би можел да ја одржи големата побарувачка.

Богатењето на Безос и практиките на неговата компанија претставуваа повод за остри критики и од конгресменката Бони Ватсон Колман. „Амазон“ во март објави дека привремено ќе ја зголеми платата на работниците, како и плаќањето на прекувремените работни часови, за време на пандемијата. Но компанијата планира да ја укине оваа практика на крајот на месецов, како што неодамна соопшти гласноговорник на „Амазон“ во изјава за Си-ен-би-си.

– Се очекува дека Безос ќе стане првиот трилионер додека го консолидира пазарот на малопродажбата за време на коронавирусот. Сега „Амазон“ им вели на работниците дека ќе ја прекине исплатата предвидена за вонредни услови на крајот на мај. Страшна алчност – напиша конгресменката на Твитер.

Голем дел од светските медиуми изразија сомневање во веродостојноста на студијата, наведувајќи дека Безос нема да стане трилионер. М.Ж.