„Спејс екс“ во Тексас ќе гради нова фабрика за своите сателити „Старлинк“, се наведува во соопштението на компанијата. Со ова се потврдува дека нејзиниот сопственик Илон Маск продолжува да вложува во оваа американска сојузна држава, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Според неименуван инженер во „Старлинк“, се работи за нов, најсовремен производствен објект во Остин, со цел компанијата да се биде во чекор со глобалната побарувачка.

Маск вчера на Твитер објави дека ќе „го гради градот Старбејс, Тексас“, без дополнително објаснување. Извршниот директор на „Тесла“ претходно изјави дека „Старлинк“, засега со седиште во Редмонд, во американската сојузна држава Вашингтон, ќе биде главен извор на финансирање на повеќе проекти, како што е развој на ракета „Старшип“, наменета за лет до Месечината и за испраќање луѓе на Марс. „Старлинк“ планира да направи мрежа од десетици илјади сателити во ниската орбита на Земјата, за да се обезбеди побрз интернет насекаде низ светот.

Маск е сопственик и раководи и со неколку други компании меѓу кои се „Тесла“, „Неуралинк“ и „Боринг ко“. Тој во декември минатата година се пресели од Калифорнија во Тексас за да им се посвети на новите погони, наменети меѓудругото, и за производство на електрични автомобили.