Извршниот директор на „Тесла“ „тежи“ 39 милијарди долари на хартија, но на производителот на електрични автомобили, кој најави дека ќе ги продаде своите куќи и повеќето од неговите имоти ширум светот, сега му се потребни пари за да има право да си исплати дивиденда

Автор: Тим Хигинс

Волстрит џурнал

Во процесот за исплата на дивиденди со кои треба да стане побогат за речиси една милијарда долари, барем на хартија, Илон Маск упати изненадувачко соопштение.

– Го продавам речиси целиот мој физички имот. Нема да бидам сопственик на ниедна куќа – на 1 мај на Твитер објави извршниот директор.

Маск оттогаш на продажба понуди три од неговите куќи во Калифорнија по цена од вкупно 75 милиони долари. Во комуникација преку електронска пошта, на 7 мај за „Волстрит џурнал“ изјави дека исто така планира за продажба да понуди четири други куќи во населбата Бел-ер во Лос Анџелес. По нивната продажба, тој изјави дека „не е сигурен каде ќе живее, но веројатно ќе изнајми мала куќа“.

Одлуката на Маск да го ликвидира имотот повторно го сврти вниманието на неговите сложени лични финансии – мултимилијардерот кој во изминатите години тврдеше дека не располага со кеш, според официјалните податоци. Неговиот удел во „Тесла“, „Спејс екс“ и друг капитал изнесува 39 милијарди долари, според процените на „Форбс“.

Сепак, понекогаш тој се наоѓа во позиција да бара заеми, понекогаш големи, за да ги плати трошоците за неговиот животен стил и деловни инвестиции, без да продава акции со кои има мнозинска сопственост во фирмите со кои управува. Околу половина од неговиот удел во „Тесла“ е претворен во гаранции за лични заеми, според финансиските документи од 28 април. Одржувањето на неговиот акциски удел од околу 20 отсто или околу 28 милијарди долари, е важно за него, за да го зачува управувањето врз автомобилскиот производител од Силициумската долина.

Маск не добива плата од „Тесла“. Неговата компензација опфаќа исплата на дивиденди од акциите вредни над 50 милијарди долари, ако компанијата успее да надмине даден праг на профит до 2028 година. Во изминатата недела тој доби право да ја добие првата транша од вкупно 12 за исплата на дивиденди, затоа што „Тесла“ успеа да ја одржи вредноста на пазарот над 100 милијарди долари одреден временски период. За да ја обезбеди исплатата од 1,69 милиони акции вредни повеќе од една милијарда долари, на Маск му требаат околу 592 милиони долари за да го искористи правото без да треба да продава акции.

Во разговорот со „Волстрит џурнал“, Маск изјави дека не го продава имотот затоа што му требаат пари, туку „сака да го поедностави животот во овој период и затоа ќе ги зачува само предметите од сентиментална важност“. Визијата на Маск за „Тесла“ и иднината на електричните и автономни возила помогна да се поттикне инвеститорскиот ентузијазам, па така акциите годинава достигнаа рекордна вредност, со што тој стана вториот најголем автомобилски производител во светот веднаш зад „Тојота“, според пазарната вредност.

Неговите лични финансии сепак се важни за инвеститорите во „Тесла“, затоа што неговото задолжување создава ризик за акциите. Ако акциите на „Тесла“ паднат под одредено ниво, финансиските институции ќе бараат заемот да се покрие, освен ако самиот Маск не го стори тоа. Се стравува дали тоа ќе го натера да продаде голем број акции во „Тесла“.

Инвеститорите во „Тесла“ се навикнати на турбуленциите од страна на Маск кој честопати се огласува на Твитер, а особено истакната беше неговата катастрофална објава од 2018 година, кога соопшти дека обезбедил средства за „Тесла“ да стане лична. Лани тој беше повеќе насочен кон испраќање на астронаути во вселената и брзаше да отвори фабрика за автомобили во Кина. Потоа повторно стана актуелен во јавноста за време на пандемијата.

На Твитер му беше поставено прашање околу продажбата на имотот, на што Маск одговори дека „не му треба кеш, се посветува на Марс и на Земјата, а имотот само му создавал товар“.

Иако имотот се продава и купува, Маск не сака да продава акции, иако мораше да продаде нешто од нив за да ги плати даноците за претходните дивиденди. Во 2016 година, за „Волстрит џурнал“ изјави дека не планира никогаш да ги продаде акциите во „Тесла“. Всушност, оттогаш тој успеа да купи уште повеќе акции.

Маск никогаш не ги обелодени условите за заемите. Порано тој тврдеше дека акциите претставуваат само мал дел од неговото богатство и дека ќе купува уште доколку е потребно. Сепак, заемите се зголемија, а остануваат прашањата како тој планира да ги отплаќа. Заклучно од февруари вкупниот износ на заемот изнесува 548 милиони долари преку кредитни линии од „Морган Стенли“, „Гудман Сакс“ и Банката на Америка, според финансиските податоци кои ја покажуваат поврзаноста на банките со „Тесла“. Не е позната целосната сума на заемот од сите извори. Маск не беше достапен за коментар поврзан со долговите.

Пред „Тесла“ да започне со работа, во процесот на развод од првата сопруга Маск пред судот изјави дека повеќе немал пари и дека користел средства за итни случаи од неговите пријатели за да може да го издржува семејството и животните трошоци. Исто така тој додаде дека неговата нето вредност во голема мера е поврзана со „Тесла“, „Спејс екс“ и „Солар сити“, енергетската компанија со која раководеше. Во неговата официјална судска изјава стои дека „нема други инвестиции што лесно можат да се продадат за да добие парични средства, затоа што таа опција му е ограничена, а четири месеци претходно целосно останал без пари“.

Лани, капацитетот на Маск да дојде до пари повторно беше доведен во прашање во процесот на една тужба за клевета за неговите коментари упатени кон едно лице вклучено во спасувањето на тајландските момчиња од поплавената пештера во 2018 година. Адвокатот задолжен за случајот изјави дека Маск се опишал себеси како „финансиски неликвиден“.

Превод: Билјана Здравковска