Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, доби измена во името на неговата официјална позиција во компанијата. Наместо извршен директор, тој сега има титула технокрал, известуваат од Комисијата за хартии од вредност на САД.

Досега не беше прецизирано каква е титулата на Маск во фирмата за електрични автомобили пред да настане оваа промена, иако тој е наведен како извршен директор на компанијата. Главниот финансиски директор на „Тесла“, Зак Кирхорн, ја доби официјалната титула господар на парите.

– Ефективно од 15 март годинава, титулите на Маск и Кирхорн се сменети во „Технокрал“ и „Господар на парите“. Тие исто така ќе ги задржат своите позиции како главен извршен директор и главен финансиски директор во компанијата – стои во поднесокот на Комисијата.

Овој вид на документ, познат како „8-K“, обично се поднесува кога компанија прави корпоративна промена што може да биде важна за акционерите. Некои експерти се сомневаат дека титулата технокрал е обид на Маск за враќање и утврдување на довербата во „Тесла“, откако цената на акциите опадна во изминатите месеци.

Во четвртокот „Тесла“ исто така ја зголеми цената на некои модели на електрични автомобили во висина од 10.000 долари. Нејасно е како и дали новите титули на Маск и Кирхорн ќе влијаат на зголемувањето на акциите на „Тесла“.

Маск во минатото носеше нетипични и неортодоксни одлуки, како што беше поддршката за „несекојдневни и комични“ криптовалути на Твитер или пак продажбата на 20.000 пламенофрлачи за поддршка во неговиот потфат за градење подземни тунели.