Пред три години „Тесла“ на Илон Маск во австралиската сојузна држава Јужна Австралија ја создаде тогаш најголемата литиум-јонска батерија во светот со 100 мегаватна моќност, пренесуваат светските медиуми. Сега и австралиската сојузна држава Викторија, сака да конструира батерија со колосални пропорции која би придонела за премин на одржливи извори, складирање и дистрибуција на електрична енергија. Австралиската сојузна држава Викторија во партнерство со компанијата „Тесла“ ќе ја создаде батеријата со големина на фудбалско игралиште и моќност од 300 мегавати, односно складирање на 450 мегават часови.

Таа батерија, кога ќе биде завршена, треба да биде трипати поголема од 100-мегаватната батерија која „Тесла“ ја направи пред три години во австралиската сојузна држава Јужна Австралија. Се очекува конструкцијата да започне по идното лето, а ќе биде покрај местото Гилонг, 70 километри јужно од Мелбурн. Тоа место е избрано за изградба затоа што е поврзано со ветерниците на јужниот брег на Австралија и со големите соларни фарми на север на австралиската сојузна држава Викторија, како и со националната електрична мрежа.

Софтверот на „Тесла“ ќе овозможи во секој момент да се процени каде може најдобро и најмногу да се искористи складираната електрична енергија. Најголемата австралиска соларна фарма е во сопственост на француската компанија „Ниоен“. Истата компанија има и други проекти во Австралија и ќе ја плати инсталацијата на батеријата на „Тесла“. Потрошувачите на електрична енергија во австралиската сојузна држава Викторија преку сметките за електрична енергија ќе плаќаат надомест, но истражувањата покажале дека сметките ќе им бида пониски од сегашните.