Соосновачот и извршен директор на „Тесла“ и на „Спејс екс“, милијардерот Илон Маск, призна дека понекогаш претерува на Твитер, поради што запаѓа во проблеми, пренесува британски „Индепендент“.

– Може да се каже дека веројатно немаше да напишам некои од работите кои ги напишав на Твитер, и оти тоа можеби не беше мудро. Немаше да се впуштам во некои онлајн-караници. Не требаше да напаѓам новинари, не требаше да го направам тоа – кажа Маск.

Тој не го спомна познатиот твит што го чинеше 40 милиони долари, откако Комисијата за хартии од вредност го обвини за измама, бидејќи, наводно, им кажал на своите обожаватели на Твитер оти ја става „Тесла“ на берза. Тогаш беше спроведена истрага заснована на спорниот твит во кој Маск најави дека ќе понуди акции на „Тесла“ по цена од 420 долари. Дополнителен аспект во истрагата беше најавената вредност на акциите, бидејќи бројката 420 се смета за меѓународен симбол на марихуаната, а денот на марихуаната е 20 април.

Милијардерот објасни дека некои од твитовите ѝ нанесуваат штета на неговата компанија, а призна и дека веќе не му е дозволено да објавува одредени бизнис-детали на Твитер.

Ова не беше добра година за Маск на Твитер. Додека светот го следеше спасувањето на тајландските деца од пештерата Там Луанг, Маск изненадувачки ги критикуваше спасувачите, што наиде на осуда во јавноста.

Маск вети дека ќе продолжи да твита, но нема веќе да изнесува детали за бизнисот на социјалната мрежа.