Новото истражување во кое научниците им го продолжија животниот век на лабораториски глувци за 23 проценти со помош на специјални протеини може да им го отвори патот на луѓето да го прослават својот 120-ти роденден.
Израелски научници го зголемија снабдувањето со протеинот СИРТ6 кај 250 глувци, кој „ја контролира стапката на здраво стареење“, но обично опаѓа во текот на целиот живот, и постигнаа неверојатни резултати.
Очекуваниот животен век на нивните испитаници не само што се зголемил за 23 проценти, туку тие биле и повитални и помалку подложни на рак во споредба со обичните глувци, се вели во трудот објавен во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.
– Промените што ги видовме кај глувците може да се применат и кај луѓето, и тоа би било многу возбудливо – рече професорот Хаим Коен од универзитетот „Бар-Илан“, кој го водеше истражувањето, во изјава за „Тајмс оф Израел“.

Според него, ако луѓето примат еквивалент на протеинот, нивниот просечен животен век може да достигне речиси 120 години.
Во 2019 година, пред пандемијата на ковид-19, Обединетите нации проценија дека просечниот животен век е 72,6 години, пренесува „Раша тудеј“. Лабораторијата на Коен во моментов бара начини за безбедно зголемување на нивото на протеинот СИРТ6 кај луѓето. Глувците се генетски модифицирани, но на луѓето ќе им требаат лекови за да го постигнат истиот ефект.
– Развиваме мали молекули што можат да го зголемат нивото на СИРТ6 или да ги направат постојните количества на протеинот поактивни – рече научникот, додавајќи дека очекува конкретни резултати за две или три години.
Коен работи на ова прашање веќе подолго време и досега пријавил 15-процентно зголемување на животниот век на глувците во 2012 година. Меѓутоа, неговиот лек тогаш дејствувал само на машки глодачи.
Новата студија, направена во соработка со меѓународни научници, вклучувајќи ја и професорката Рафаела де Каба од американскиот Национален институт за здравство, забележа големо подобрување. Машките глодачи живееле 30 проценти подолго, додека кај женските животниот век исто така се зголемил за 15 проценти.