Филмската проекција на криминалистичка драма „Измамничките од Волстрит“, со Џенифер Лопез во главна улога, ја освои публиката на Меѓународниот филмски фестивал, кој неодамна се одржа во Торонто. Филмот доби голем број позитивни критики, а се шпекулира дека е можно да биде номиниран и за „оскар“.
Џенифер Лопез, Констанца Ву, Кеке Палмер и Лили Рајнхарт импресионираа со својот изглед на црвениот килим, не само со своите модни комбинации, туку и со силниот став за пораката што се пренесува преку филмот.

Претходно, актерките изјавија дека Џенифер Лопез за време на снимањето на сите им била како мајка, секогаш ја одржувала добрата енергија и волјата за работа.
– За неа може да се каже дека ја има таа позитивна енергија и е многу трогателна, сака да се поврзе со сите. Тоа е толку убаво од неа – изјави актерката Лили Рајнхарт за „Ентертејмент Викли“.

Палмер, пак, призна дека пред да започне снимањето на филмот, била многу нервозна, особено поради тоа што ќе треба да работи со Лопез, која, како што вели, во шоу бизнисот е позната како супержена.

– Отсекогаш ми се допаѓала и мојата прва сцена во филмот е со неа. Таа ми рече дека е среќна што сум дел од филмот и смета дека добро ќе се забавуваме. Го ценам тоа што ме прифати уште од почетокот, затоа што ова е нејзин филм – изјави Палмер.

Дејството на филмот е инспирирано од напис во „Њујорк магазин“, кој излезе во 2016 година. Филмот го следи планот за одмазда на група бивши стриптизети, кои ги здружуваат силите против мажите од Волстрит, кои се нивни клиенти. Од вчера филмот почна да се прикажува и кај нас, во неколку домашни кина.