Изложба на јапонски графики од правецот укијое, насловена „Јапонскиот лебдечки свет“, е отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. На изложбата се претставени 28 графики од најпознатите мајстори на дрворези од 17 и 18 век.

– Тие на своите графики претставуваат убави жени, портрети на воини, сумо-борачи и слично. Покрај убавината на лицето, тие ја сликаат и мекоста на телото, нежноста на кожата. Изложбата дава можност за голем број информации и запознавање одблизу со оваа уметност, која припаѓа во редот на светско културно наследство – рече Весна Ѓорѓиева, директорка на музејот.

Изложбата е реализирана во соработка со кавадарската локална самоуправа, Музеј на градот Скопје, Македонско-јапонското друштво за пријателство и соработка од Скопје и Амбасадата на Јапонија. Авторка на проектот и кураторка на изложбата е Јасминка Намичева.