Вечерва, во 19 часот, во портата „Македонија“ ќе биде отворена изложбата „Народните носии низ објективот на Тошо Дабац“. Музејот на македонската борба – Скопје нуди ексклузивна можност да се видат фотографиите на еден од основоположниците на современата хрватска фотографија – Тошо Дабац. На изложбата ќе бидат претставени триесетина фотографии со мотиви од народни носии од различни краеви на Хрватска, БиХ, Македонија и други земји од регионот, во сопственост на Музејот на современата уметност во Загреб.

Изложбата се реализира во соработка со културниот центар „Травно“ и со Работилницата за заштита и изнајмување народни носии од Загреб, Хрватска, а е поддржана од Министерството за култура на Хрватска. На отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Музејот на македонската борба – Скопје, Даниела Николова, и директорот на културниот центар „Травно“, Јосип Форјан. Специјален настап ќе има ансамблот „Македонија“. Изложбата ќе биде отворена до 14 декември.

Тошо Дабац (1907-1970) е познат хрватски и светски фотограф и еден од основачите и главни претставници на т.н. Загрепска школа на уметничка фотографија. Во долгогодишната кариера има оставено зад себе повеќе од 200.000 фотографии, а негов најголем фокус била социјалната фотографија преку мотивите на животот на улица, питачи, народ на улица, циркусанти, панаѓури, процесии и сл.