Илон Маск, претприемачот на „Тесла“ и на „Спејс екс“, стана најбогатата личност во светот, откако неговото богатство надмина 185 милијарди долари, надминувајќи го основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој беше на врвот од 2017 година. Компанијата за електрични автомобили на Маск, „Тесла“, бележеше пораст на вредноста во последните 12 месеци, достигнувајќи пазарна вредност од 700 милијарди долари. Богатството на тајкунот дополнително беше поттикнато и од политиката. Поразот на Трамп од Џо Бајден на претседателските избори во САД и Сенатот, кој сега го контролираат демократите, значи дека најверојатно во следните неколку години ќе има повеќе зелена агенда, што е потенцијален менувач на играта за „Тесла“ и севкупниот сектор на електрични возила.
И покрај тоа што „Тесла“ штотуку го оствари својот прв годишен профит, таа е повредна од „Тојота“, „Фолксваген“, „Хјундаи“, „Џенерал моторс“ и „Форд“ заедно.
Џеф Безос, кој од „Амазон“ забележа зголемени побарувања и на својата онлајн продавница и услугите за обработка во облак, како резултат на пандемијата на коронавирусот, изгуби 4 отсто од акциите на „Амазон“ од неговата поранешна сопруга Мекензи Скот откако се разведоа, што му помогна на Маск да го престигне. Индексот на милијардери на „Блумберг“ покажува дека 500-те милијардери во светот ја зголемиле својата нето-вредност во 2020 година за 1,8 трилион долари, на 7,6 трилиони долари, што е најголем годишен скок на богатство од почетокот на индексот во 2012 година.