Кон изворната музика треба да се однесуваме како пред олтар во црква кога се причестуваме, со чиста душа и срце, бидејќи во неа е запишана целата историја на македонскиот народ, вели Пењушков

Перо Пењушков, вљубеник во македонскиот фолклор

Цедето „Од кладенецот на Македонија“ е најновиот музички проект на ансамблот на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“ и донесува 13 прекрасни македонски народни песни, кои ги интерпретира Перо Пењушков од Кавадарци. Поради пандемијата, неговото печатење се одвиваше во отежнати услови, но носачот на звук е објавен и авторите се надеваат дека ќе остави белег во македонското фолклорно творештво, пред сѐ поради тоа што нѐ потсетува на народните песни наследени од нашите предци.

– И покрај пандемијата, искрено се радувам што успеавме да го издадеме ова цеде, кое во најголем дел им го подаруваме на љубителите на македонскиот фолклор, како една мала нишка од нашата душа, за барем малку да го облагородиме духот на луѓето, да ги направиме среќни во овие тешки времиња – вели Перо Пењушков.

Но како се случи еден посветен и амбициозен лекар, специјалист по интерна медицина, кој во овие тешки времиња на пандемија секојдневно неуморно работи заедно со својата сопруга во приватната амбуланта „Пењушкови“, да одлучи дел од своето слободно време да му го посвети на македонскиот фолклор, чиј вљубеник е од најмала возраст?

– Фолклорот ме одмора, ми ги полни батериите и ми дава енергија што поуспешно да ги извршувам моите обврски како лекар. Уште кога бев дете, музиката одекнуваше во нашата куќа. Мајка ми е песнопојка, исто како мојата баба Коцана, која знаела многу песни. Всушност нејзиниот татко и чичковците, кои пред Првата светска војна од Зборско, Егејска Македонија, се преселиле како сточари во селото Бошава, свиреле на гајда, тамбура и кавал, па музиката била нивното секојдневие. И јас свирам на мандолина, тамбура и прим, но по слух бидејќи немам музичко образование. Мојот талент за музика уште во основно образование го препозна наставникот Добре Паризов, па свирев во оркестарот и пеев во училишниот хор. Подоцна како студент на Медицинскиот факултет, слободното време го користев да ги слушам ансамблот на чалгиите и Оркестарот на народни инструменти во Македонската радио и телевизија. Всушност, Стефче Стојковски беше човекот што ми овозможи да влезам во студијата на МРТВ, ми подаде рака и ме претстави пред неговите уредници. Еден ден продуцентот Миодраг Божиновски, кој сметаше дека имам убава боја на гласот, ме внесе во студиото и јас успеав „од прва“ да снимам песна. Во периодот од 2005 до 2007 година снимив околу 30 песни, што за мене претставуваше огромен успех и големо задоволство. Од 2000 година сум член на ансамблот на Стефче Стојковски, со кој успеав да ја прошетам цела Европа и да го презентирам македонскиот фолклор пред публиката во: Белгија, Франција, Англија, Шкотска, Чешка, Словачка, Унгарија… Учествував и на многу фестивали, но и на Деновите на македонската култура, а гостував и во неколку телевизиски емисии, но и самиот реализирав неколку телевизиски проекти – ни раскажа Перо Пењушков.

 

Освен што свири и пее, тој пишува и поезија и самиот изработува народни инструменти, па така во неговиот дом покрај богатата збирка на стари бакарни предмети, има и неколку тамбури што самиот ги направил. Како што вели тој, кон изворната музика треба да се однесуваме како пред олтар во црквата кога се причестуваме, со чиста душа и срце, бидејќи во неа е запишана целата историја на македонскиот народ.

– Доколку сакаш да се запознаеш со своето минато, треба да ја слушаш изворната македонска песна – вели тој.

Перо Пењушков е еден од ретките што долго и студиозно ја истражувал етногенезата на ваташката чалгија и е идеен творец на емисијата посветена на традицијата на чалгиското музицирање во Ваташа, емитувана на програмата на МРТВ. Искрено посакува еден ден сето тоа да го стави на хартија и да го отпечати, за да остане забележано за идните генерации.

– Кога на многубројните средби со старите музичари барав да ми ги пеат старите песни, јас ги слушав и нивните приказни. Сакав покрај дрвото и грмушките, да ги видам и тревата и скриената печурка, да направам своја слика, како што и во медицината треба да го слушам пациентот, да го набљудувам, да прашувам и од сите сегменти да ја откријам дијагнозата. Така можам да направам компарација и да најдам сличност меѓу медицината и музиката – објаснува д-р Перо Пењушков.


Стефче Стојковски: Непресушен кладенец

Познатиот македонски инструменталист и чувар на македонскиот фолклор, Стефче Стојковски, ни откри дека изборот на песните на цедето „Од кладенецот на Македонија“ го направил заедно со Перо Пењушков, водејќи сметка да биде опфатена цела етничка Македонија.
– На цедето има родољубиви, лирски, патриотски, па и една шегобија песна – басна, која дедо му на Перо му ја пеел кога бил дете. Меѓу нив се: „Сношти дојдов ех мори Маре“, „Киниса мома на вода“, „Што ми стана Софка“, „Илија Фидан делија“, „Цуцул пасел говеда“, „Славен да остане“ и други. Бидејќи македонските води се опеани во многу песни, водата е присутна во сите обреди и обичаи, таа дава живот, се одлучивме за насловот „Од кладенецот на Македонија“. И денес водата нѐ облагородува, нѐ пои, но и ги носи информациите за постоењето на македонскиот народ. Водата го пренесува македонскиот код, непресушниот ген на македонските творци, да пеат, да креираат и да создаваат нови фолклорни вредности – вели Стефче Стојковски.