Француската филмска драма „Ева“, во режија на Беноа Жако, во која главните улоги ги толкуваат Изабел Ипер и Гаспар Улие, деновиве пристигнува во европските кина. Станува збор за остварување во кое се истражуваат моралните длабочини на светот на богатите и убавите. Всушност, ова е своевиден римејк на филмот на Џозеф Луис од 1962 година, во кој главната улога ѝ беше доделена на Жана Моро. По повеќе од 50 години, Жако одлучи да направи своја верзија на адаптацијата на романот на британскиот писател Џејмс Хедли Чејс.

Главен јунак на филмот е Бертран, младич, случаен сведок на смртта на еден славен писател и единствен сведок на постоењето на неговото последно книжевно дело. Тој одлучува да го потпише текстот со своето име и веднаш го прогласуваат за литературен гениј. Но славата го притиска да го напише и своето следно ремек-дело, а на Бертран во работата му помага средбата со мистериозната Ева, проститутка од висока класа. Разговорите со неа на почетокот го инспирираат, но наскоро неговата опсесија со оваа жена излегува од контрола.
Филмот „Ева“ беше прикажан во главната натпреварувачка програма на годинашното „Берлинале“.
Беноа Жако ја почна својата кариера како помошник-режисер, соработувајќи со Маргарит Дира. Досега режирал над 40 филма, а меѓу најпознатите е „Разочарана“.