Студените денови се пред нас. Замотајте се во најтоплото ќебе, направете си пуканки, одберете добро друштво и препуштете му се на маратонското гледање одлични серии. Сите знаеме дека во последно време популарноста на гледање серии и филмови порасна. На популарните интернет-платформи, каде што најчесто можеме да уживаме во омилената серија, има понуда на огромен број содржини и токму поради тоа тешко е да се издвојат најдобрите. Најчесто изборот се темели на жанрот што нѐ привлекува, а листата со петте најпопуларни серии за оваа есен е: „Сквид гејм“ (Игра на октоподи), „Мејд“ (Слугинка), „Ла каса де папел“ или „Мани хејст“ (Кражба на пари) „Д краун“ (Круната), „Јанг Шелдон“ (Младиот Шелдон).

1. „Игра на октоподи“

Неверојатен и неочекуван успех има најновиот хит на Нетфликс, „Игра на октоподи“, кој е моментално најгледана серија и хит број еден насекаде во светот. Јужнокорејската хорор-трилер серија ја прикажува денешната, многу реална нееднаквост помеѓу богатството и сиромаштијата во Јужна Кореја. Критичарите велат дека серијата изобилува со застрашувачки и испревртени ситуации, кои ја воодушевуваат публиката. Деновиве социјалните мрежи се преплавени со содржини од серијата.

2. „Слугинка“

„Слугинка“ е чувствителна драма-комедија, која ќе ве опушти по неизвесностите во „Игра на октоподи“. Новата серија, која полека но сигурно ги освојува срцата на гледачите, е инспирирана од делото на Стефани Ленд – „Слугинка“, моќен бестселер на „Њујорк тајмс“. Ги опишува напорната работа, ниската плата и волјата на една мајка. „Слугинка“ прикажува една самохрана мајка, која работи како домаќинка и едвај врзува крај со крај, додека се бори со сиромаштијата, бездомништвото и бирократијата. Оваа серија е всушност прекрасно, живо, сурово и инспиративно истражување за сиромаштијата во Америка.

3. „Кражба на пари

„Кражба на пари“ е шпански трилер, кој ги собори сите рекорди на гледаност и популарност и беше прогласен за најгледана неанглиска серија на сите времиња во 2020-та. Добропознатите црвени костими и маски, сложените кражби на мистериозниот професор и неговиот тим се враќаат со ново продолжение и нови возбудливи епизоди. Ако сè уште не сте ја гледале, можете да го направите тоа, бидејќи оваа серија гарантира добро поминато време.

4. „Круната“

Доколку, пак, сте љубител на историските настани, тогаш „Круната“ е вистинскиот избор за вас. Оваа историска драма ја обработува приказната за животот на кралицата Елизабета Втора, од времето кога таа била принцеза, нејзината свадба во 1947-та, па до сегашноста. Како што минуваат децениите, се откриваат лични интриги, романси и политички ривалства што играле голема улога во настаните што ги обликувале подоцнежните години од 20 век. Серијата влегува во категоријата на најпопуларни и највисоко рангирани серии на Нетфликс.

5.„Младиот Шелдон“

„Младиот Шелдон“ е серија за сите возрасти. Станува збор за семејна комедија, која ќе го насмее целото семејство. Приказната за раното детство на Шелдон Купер ќе ги воодушеви сите членови на семејството. Серијата е продолжение на „Биг бенг теори“ и започнува со линкот на 9-годишниот Шелдон Купер, кој оди во средно училиште и се обидува да се вклопи во светот околу себе, почнувајќи од своето семејство и пријателите, кои не знаат како да се однесуваат со неговиот талент за математика и наука, како и со неговите уникатни интелектуални способности.