Колекција играчки инспирирани од познатиот филмски серијал „ Војна на ѕвездите“, пронајдена во вреќи за ѓубре во гаража во Англија, е продадена на аукција за речиси 300.000 евра. Постар пар од Сторбриџ, централна Англија, играчките, заедно со другите предмети, ги добиле заедно со куќата, според тестаментот на нивниот сосед, пренесуваат британските медиуми.

Тие не биле свесни за нивната вредност. Нивниот син побарал аукциска куќа да ја процени вредноста на играчките, меѓу кои имало и парчиња кои сè уште биле во оригиналните кутии. Тие ги продадоа играчките за вкупно 410.000 фунти или за скоро 300.000 евра, иако првично размислувале да ги фрлат. Тие биле продадени од аукциската куќа „Астон“ на последната аукција пред затворањето.

Крис Астон од оваа аукциска куќа изјавил дека не очекувал играчките да достигнат таква цена.

– Најдобар пример е Џаба со винил мантил од пустината од оригиналниот филм „Војна на ѕвездите“. Немаше многу од нив на пазарот, па затоа е тешко да се најдат примери со печат како од оваа колекција, за кои мислиме дека има вкупно осум во светот.Само таа играчка е продадена за 22.000 фунти – рекол тој.

Парот и нивниот син, кои не сакаат да го откријат својот идентитет, ја повикале аукциска куќа „Астон“ да ја изврши проценка на колекцијата играчки и стрипови што им ги оставил нивниот сосед Питер Симпсон по неговата смрт.

Тие беа апсолутно воодушевени од продажбата, додава Астон.

– Кога наследувате куќа и мебел во неа, мислите дека таа куќа е највредна, но не е секогаш така. Работите им донесоа повеќе пари отколку што ќе донесеше куќата ако сега ја продадоа. На првиот ден видов ретка играчка од Бетмен и помислив, штом е тука, којзнае какви вредни работи има – додал Астон.

Тој затоа ги советувал да не ја фрлаат содржината во кутиите и од вреќите за отпад.

– Ова беше нашата најдобра продажба во последните 15 години и последната. Сега затвораме затоа што сме многу погодени од мерките заради пандемијата на ковид-19 –  вели Астон.

Според Астон, парот бил воодушевен од својата среќа.

– Тие мора да го имаат истото чувство како да добиле премија на лотарија – смета Астон.