Познатиот македонски музичар Игор Атанасоски – Харе на својот јутјуб-канал в недела ќе го промовира спотот за песната „Реприза“, за чие создавање го инспирираше актулената ситуација во која живееме. Песната е негово авторско дело, а за режијата на спотот се погрижи Кристијан Теодоров.

– Многу сум задоволен како звучи песната, но и од видеоприказната релизирана за неа, што ја снимивме во околината на Свети Николе. „Реприза“ воедно е последната осма песна што ќе се најде на мојот втор соло албум, чие излегување е пролонгирано поради пандемијата на коронавирусот. Сепак, се надевам дека наскоро сите мои пријатели и поддржувачи ќе се соберат на промоција – посакува Харе.

Пред неколку години тој го издаде албумот „Overdose oд bluz“, кој мина одлично кај публиката, но на вториот негов носач на звук одлучи да сними песни за познати македонски пејачи.

– Првата замисла ми беше песните да бидат како рака и ракавица со пејачите за кои се наменети и мислам дека така и излезе. За Игор Џамбазов е „Староста доаѓа“, за „Нокаут“ – „Ти си таа што ми треба“, со Аки Рахимовски ја снимивме „Мајко“, со Мики Јовановски-Џафер „Посакав да пеам“, со Дани Димитровска е реализирана „Некаде“, а од соработката со Тамара се роди „Љубов“. Исто така снимив и инструментална верзија на „Мајко“ со градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ од Свети Николе. Снимивме и интересно видео, кое може да се погледне на мојот јутјуб-канал – ни откри Игор Атанасоски.

Харе е долги години активен на македонската музичка сцена, најпрво како член на групата „Банкрот блуз бенд“, а потоа како дел од бендот што ги поддржувал најпознатите македонски пејачи, како Тоше Проески, Игор Џамбазов, Тамара Тодевска и многу други.

М.Т.