Принцот Хари и Меган, војвотката од Сасекс, соопштија дека се повлекуваат од должностите во кралското семејство. Во рамките на таа одлука тие ќе минат одредено време во Северна Америка и ќе „работат за да станат финансиски независни“. Кој знаеше дека постои таква можност, пишува Пеги Дрекслер во нејзината колумна „Зошто целата вина да падне врз Меган“ објавена од Си-ен-ен.

Кралицата Елизабета допрва треба да даде благослов за одлуката, според сознанијата на Си-ен-ен. Сепак, во изјавата што двојката ја објави на заедничкиот инстраграм-профил, војводата и војвотката од Сасекс тврдат дека ќе „продолжат да ја почитуваат нивната должност кон кралицата и кон комонвелтот“.

Тука нема ништо повеќе освен модерен, млад пар, кој сака да создаде заеднички живот под сопствени услови. Така? Не, според популарните британски медиуми што ја префрлаат вината за заминувањето (дел од нив со презир го нарекоа „мегзит“) единствено врз Меган, исто како што ја обвинија и за се друго што не оди како што треба откако таа стана дел од кралското семејство.

Според таблоидите, Меган е таа што го поттикнала наводното несогласување помеѓу Хари и неговиот брат Вилијам. Тие ја обвинија Меган и за наводните лоши односи со сопругата на Вилијам, Кејт Мидлтон. И таблоидите сакаат да не уверат дека Хари ги напуштил своите пријатели и станал повлечен за да „поминува повеќе време со холивудските пријатели на Меган“.

Сега се шпекулира дека Меган е таа што ја мрази Англија и која сака да се пресели назад во Калифорнија или во Канада. Печатот го опиша таквиот потег како себичен.

Дали тоа е изненадување? Кога мажите не се однесуваат како што сакаме, кој е подобар за обвинување отколку нивните сопруги. Само земете ги предвид споредбите на социјалните мрежи помеѓу Меган и Јоко Оно, чија романса со Џон Ленон е посочувана како причина за распадот на „Битлси“. Цитирајќи „извор“ на таблоидите, Меган „преземала тотална контрола“ врз животот на принцот Хари, како тој да не е возрасен маж и поранешен капетан во британската армија.

„Луѓето велат дека премногу сум критичен за Меган Маркл. Но, таа го откачи нејзиното семејство, нејзиниот татко, повеќето од нејзините стари пријатели, го оддели Хари од Вилијам и сега ќе го оддели од кралското семејство“ напиша познатиот британски водител Пирс Морган на Твитер.

Тоа не води до следното прашање. Зарем Британците не го посакуваа ова? Од моментот кога принцот Хари и Меган ја објавија нивната свршувачка, медиумите постојано ја напаѓаа неа, не пропуштајќи прилика да ја окарактеризираат како разведена американска актерка со црномуреста мајка. Тие ја избркаа и сега се лути што заминува.

Сите семејства доаѓаат со традиции кои се очекува сопружниците да ги прифатат и зачуваат, а британското кралско семејство не е исклучок. Може да се каже дека Меган знаела во што се впушта. Но, и Хари знаел, исто така, дека ќе се ожени со „американска актерка“.

Можеби е вистина дека Меган се обидува да ја најде и засили својата моќ во нејзиното ново семејство. Но, таа е 38-годишна мајка. Зарем не е така? Секако, лишувањето од дел од финансиската заштита понудена од кралското семејство и можеби ризикувањето за губење на поголемо богатство во иднина, не се прични за исмејување. Зошто обидот на двојката за продолжување по сопствен пат, надвор од монархијата, не се смета за храбар. Кој може да каже дека тие не можат да имаат „нормален“ брак? Можеби кралицата Елизабета. Но не и Меган, заклучува Дрекслер.