Психолозите откриваат

Појавата на коронавирусот најпрво предизвика распродажба на заштитните маски, а потоа на средствата за дезинфекција, но она што сега недостига на полиците на маркетите низ светот е тоалетна хартија. Малопродажните продавници во САД и во Канада почнаа да го ограничуваат бројот на пакетите што купувачите можат да ги купат при една набавка. Некои супермаркети во Велика Британија веќе одамна го распродадоа овој производ, а во Австралија ангажираа обезбедување што ги контролира купувачите. Слична е и сликата во нашите маркети.

Клиничкиот психолог Стивен Тејлор вели дека коронавирусот од самото појавување го следи паника. Од една страна, паниката е разбирлива, а од друга страна е претерана. Една од причините поради кои луѓето паничат е што коронавирусот е нов и многу нешта поврзани со него се непознати.
– Кога на луѓето ќе им кажете дека доаѓа нешто опасно, тие го сфаќаат тоа како да се потребни посебни мерки на претпазливост – вели Тејлор.
Сликите на празни полици во маркетите и на преполни колички со резерви пред касите, ги преплавија медиумите и социјалните мрежи.

– Кога луѓето ја гледаат сликата на паничните купувачи, претпоставуваат дека има причина за паника, па затоа и тие купуваат резерви. Сите оние фотографии на празни полици можат да ги наведат луѓето да веруваат дека мораат брзо да излезат и да купат што повеќе тоалетна хартија – вели Тејлор.
Психологот Френк Ферли тврди дека има многу малку практичност во тоа трупање резерви.

– Бидејќи меѓународните здравствени организации советуваат дека одредена популација треба да остане дома и да избегнува контакт со други луѓе или толпи народ, природно е дека тие сакаат да се подготват. Новиот коронавирус раѓа своевидна психологија на преживување, во која подолго мораме да останеме дома, а со самото тоа и да се снабдиме со сѐ што е неопходно, а тоа секако вклучува и тоалетна хартија. Бидејќи, доколку го снема тоа, со што ќе го замениме – вели Ферли.
Освен тоа, една од причините е и чувството на контрола. Луѓето се снабдуваат со резерви од страв дека некогаш во иднина, токму тој производ ќе им недостига.