Почна сезоната на комарците, а поради високите температури сите ги држиме вратите и прозорците отворени, па ако нема заштитна мрежа на нив, тешко нам. Доколку сте забележале дека овие „крвопијци“ најчесто ве посетуваат токму вас, тоа не е затоа што имате „слатка крв“, како што велеа порано, туку нешто друго е во прашање.
Биологот Барт Нолс објаснува дека комарците ги привлекува човековиот здив. Јаглендиоксидот што го издишуваме, во комбинација со разни хемикалии, создава мирис што комарците може да го почувствуваат и на 30 метри оддалеченост.

Биологот тврди дека секој човек испушта над 300 различни хемикалии од кожата, а дури 100 од нив се наоѓаат во здивот. Женката на комарецот ги вклучува сите свои сетила за да одлучи дали некого ќе го касне или ќе го заобиколи. Уште еден битен фактор врз чија основа комарците одлучуваат дали ќе цицаат нечија крв е мирисот на кожата. Така, на пример, жолтите и тигрестите комарци ги привлекува млечната киселина, додека обичниот комарец е понаклонет кон масната киселина.
Постои верување дека лицата што јадат лук и земаат витамин Б ги одбиваат комарците, но биологот Нолс вели дека нема доволно докази за тоа.

Јапонските научници, пак, веруваат дека крвната група е пресудна за комарците. Па, така, лицата со крвна група 0 тие ги сакаат двојно повеќе од, на пример, оние со крвна група Б или АБ. А најмала веројатност дека ќе ги нападнат имаат лицата со крвна група А.