Познато е дека копчињата на машките и на женските кошули се наоѓаат на спротивни страни. Кај жените се на левата, а кај мажите на десната страна. Причините за тоа нѐ водат пред многу години, кога мажите носеле мечеви, а дамите имале слуги.
Како што објави списанието РМРС, доколку некогаш сте се запрашале зошто е така, токму историјата ни ги дава точните одговори. Уште во средниот век копчињата на кошулите секогаш се шиеле на десната страна, пред сѐ од практични причини.
Мажите носеле меч под палтото и тоа на левиот колк.

За да можат полесно да го извлечат, копчињата морале да бидат од страна. Подоцна, кога жените почнале да носат блузи, оние побогатите не се закопчувале сами, туку тоа за нив го правеле прво кројачките, а потоа слугите. Бидејќи тие стоеле пред нив им било полесно ако копчињата се сошиени од левата страна, бидејќи повеќето од луѓето се повешти и почесто ја употребуваат десната рака.
Копчиња од лева страна жените почнале да носат меѓу 1840 и 1850 година, а дотогаш закопчувањето било од десна страна.

Меѓутоа, постои и теорија според која закопчувањето кај жените е на лева, а кај мажите на десна страна за да се покаже дека жените се на пониско општествено ниво од мажите.
Истиот тренд продолжил со откривањето на патентите, но разликите полека почнале да се губат. Денес, малкумина обрнуваат внимание на тоа на која страна се копчињата, бидејќи стана многу популарна унисекс-облеката.