Според истражувањата на научниците, секој трет човек не се чувствува добро во ладните зимски денови, во споредба со пролетното и летното време. Тоа е еден вид депресивна состојба наречена сезонско афективно растројство.
Како што времето станува поладно, а деновите сѐ пократки, некои луѓе забележуваат дека имаат помалку енергија и не се чувствуваат позитивно како и обично. Иако овие чувства може да бидат привремени, приближно една третина од луѓето постојано се борат со депресија во текот на есенските и зимските месеци, позната како сезонско афективно растројство

Пешачење, отворен простор и сончева светлина

Симптомите може да се движат од слаби до тешки, но обично вклучуваат лошо расположение, губење интерес или задоволство за работите во кои луѓето порано уживале, промена во апетитот (јадење повеќе од вообичаено), промени во сонот (сонливост). Некои истражувања сугерираат дека ова може да се должи на неисправноста на хипоталамусот (областа во мозокот што ги регулира биолошките процеси како што се расположението, спиењето и апетитот) или производството на премногу мелатонин (хормон што ги контролира сонот и будноста), произведен од епифизата.
Истражувањата покажале дека жените имаат поголема веројатност да искусат некој облик на сезонска депресија – иако не е сигурно дали овие родови разлики навистина постојат и зошто ги има. Некои луѓе забележале дека нивните симптоми почнуваат да се подобруваат како што почнуваат да се менуваат годишните времиња и се приближува пролетта. Но тоа не значи дека нема работи што луѓето можат да ги направат во текот на зимските месеци за да си помогнат да се справат со нивните симптоми. Препорачаните третмани за ублажување на состојбата вклучуваат психолошки интервенции, терапија со разговор или лекови антидепресиви.
Луѓето што секојдневно пешачеле покажале значителни подобрувања на сите симптоми на депресија во споредба со оние што биле изложени на вештачка светлина. Клучен дел од терапијата е поддршка на пациентите со техниката наречена бихејвиорална активација, која има цел да го подобри расположението, охрабрувајќи ги луѓето добро да си го организираат денот и да се вклучат во значајни, пријатни активности – на пример хоби.
Истражувањето исто така сугерира дека одредени антидепресиви може да бидат особено ефикасни во лекувањето на симптомите на сезонската депресија.

Вежбањето го одвлекува вниманието од негативните мисли

Излегувањето надвор на природна дневна светлина може да биде корисно, а според една студија, повеќе природна светлина во текот на денот може да помогне да се потиснат симптомите. Учесниците во студијата што оделе на дневна прошетка покажале значителни подобрувања на сите симптоми на депресија, во споредба со оние што биле изложени на вештачка светлина.
Истражувањата исто така покажуваат дека начинот на живот, фактот дали и колку вежбате и како јадете – имаат врска со депресијата.
Некои наоди сугерираат дека вежбањето може да ги намали симптомите на депресивни состојби. Вежбањето го одвлекува вниманието од негативните мисли и е добро „средство“ за дружење.