Илон Маск и Џеф Безос, двајцата најбогати луѓе на Земјата, имаат повеќе од 350 милијарди долари комбинирано богатство и управуваат со две од најбогатите компании некогаш создадени. Но, кога не иновираат на Земјата, нивното внимание го фокусираат кон напуштање на нашата планета и создавање на меѓупланетарна човечка колонија, пишува „Њујорк тајмс“.

„Спејс екс“ стана еден од водечките играчи во приватната вселенско-технолошка арена. Покрај лансирањата на ракети и постојаните иновации, тие планираат да испратат астронаути во атмосферата на Земјата до крајот на годинава. „Спејс екс“ досега испрати неколку астронаути на НАСА до Интернационалната вселенска станица. Но, секогаш амбициозниот Маск тврди дека ќе успеат во напорите да испратат луѓе на Марс до 2026 година, благодарение на инвестициите од три милијарди долари собрани минатата година. Иако Маск најверојатно нема да биде првиот човек кој ќе стапне на црвената планета, тој вели дека „сака да го заврши животот таму, секако, не при слетувањето“.

Безос, кој годинава се повлекува од функцијата извршен директор на „Амазон“, се очекува да ги забрза неговите напори за патување низ вселената преку неговата компанија „Блу ориџин“, чие мото делумно гласи „Земјата, со сета своја убавина, е само нашето почетно место“. „Блу ориџин“ работи на лансирање на летала, како и на технологија за слетување на Месечината, а најавија дека се блиску до лансирање летала со човечки екипаж. Најекстравагантната идеја на  Безос, која беше откриена во 2019 година, е создавање на вселенски колонии.

Но, целото ривалство меѓу Безос и Маск, како и нивните напори и иновации деновиве беа засенети од два спектакуларни подвизи на НАСА. Првиот подвиг се состои од пристигањето на фотографии од Марс, пратени од роверот „Упорност“, автономно возило со големина на автомобил што слета во „Кратерот Језеро“ минатата недела. Фотографиите се толку детални што можете да зумирате доволно блиску за да ги погледнете дупките во карпите на пустинската сцена која е воодушевувачки „вонземска“, а истовремено изгледа толку познато.

Но, сликите од Марс беа победени од фотографии пратени од мисија на вселенската сонда „Џуно“, која влезе во орбитата на Јупитер во 2016 година. „Џуно“ неодамна направи серија блиски летови кои ги дадоа досега можеби најневеројатните фотографии што некогаш сте ги виделе од големата планета.

– Можеби фактот дека животот на Земјата е толку несигурен објаснува зошто Маск и Безос се обидуваат и сакаат да најдат начин да избегаат од планетата. Но, тие се само две човечки битија меѓу милијарди единки. Останува на нас останатите да преземеме поголема контрола врз тоа како ќе се преселиме „на новите светови“ надвор од нашата мала Земја – се наведува во колумната на „Њујорк тајмс“.

Потребите на нашата планета се огромни, а парите вложени за вселенски патувања можеби треба да се потрошат за подобрување на животот на Земјата. Но, ризикот за колапс на нашата планета од климатските промени или други опасности значи дека треба да размислуваме „повселенски“.

Човештвото треба да ја има на ум скриената порака што НАСА ја стави на падобранот за спуштање на роверот „Упорност“. Бинарниот код што се преведува во „Осмели се на моќни нешта“ не е наменет само за Безос и Маск. Пораката, всушност, е наменета за сите нас, заклучува американскиот весник.