НАУЧНО ОТКРИТИЕ

Научниците веруваат дека зголемената висина и пораното влегување во пубертет кај луѓето може да се објаснат со еден сензор во мозокот, пренесува Би-би-си. Во текот на 20 век, просечната висина во Велика Британија се зголемила во просек за 10 см, додека, пак, во некои земји висината се зголемила речиси за 20 см. Научниците веќе некое време сметаат дека луѓето што имаат добра исхрана и редовен пристап до храна имаат тенденција да растат и созреваат побрзо.
Во Јужна Кореја, на пример, висината на возрасните се зголемила откако нацијата се трансформирала од сиромашна земја во развиено општество. Но во делови од Јужна Азија и Африка, луѓето се само малку повисоки отколку пред 100 години.

Зголемена репродукција

Сигналите од храната допираат до дел од мозокот, таканаречен хипоталамус, „му кажуваат“ за хранливите ефекти и го стимулираат растот. Истражување на оваа тема било спроведено од истражувачи од универзитетот „Кембриџ“, во соработка со тимови од универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, универзитетот „Бристол“, Универзитетот во Мичиген и универзитетот „Вандербилт“. Истражувањето објавено во списанието „Натура“ открило мозочен рецептор одговорен за развојниот напредок.
Мозочниот рецептор се нарекува МЦ3Р и претставува клучна врска помеѓу храната, сексуалниот развој и растот.
– МЦ3Р му кажува на телото дека сме добро, дека имаме добра храна и дека треба да растеме што е можно побрзо, да влеземе во пубертет и да имаме многу деца – вели авторот на студијата, професорот Сер Стивен О’Рахили од Универзитетот во Кембриџ.
Истражувачите додадоа дека кај луѓето со понизок раст, кои влегле во пубертет подоцна од другите, мозочните рецептори не работат како кај преостанатата популација.
Тим научници го истражувале генетичкиот систем на половина милион доброволци што се пријавиле во „Обединето Кралство биобанк – база на податоци со генетски и здравствени информации“, за да ги потврдат истражувачките хипотези. Тие откриле дека децата што имаат генетички мутации што би можеле да ја попречат функцијата на мозочните рецептори биле пониски и потешки од другите деца, покажувајќи го ефектот на мозочните рецептори во раниот живот.
За време на истражувањето, тимот открил и едно лице што имало мутации во двете копии на генот МЦ3Р, што е исклучително ретко и штетно за поединецот. Тие додаваат и дека личноста била многу ниска, а во пубертет влегла дури по 20-тата година од животот.

Важноста на лековите за иднината

За да го потврдат своето истражување, истражувачите проучувале глувци за да го одредат истиот процес како кај луѓето. Тие истакнале дека откритието може да им помогне на децата со задоцнет раст и пубертет, но и на оние што стануваат послаби поради хронични болести и имаат потреба од обнова на мускулите.
– Идните студии треба да покажат дали лековите што селективно го активираат МЦ3Р може да помогнат во пренасочување на калориите кон мускулите и другите мускулни ткива, со изглед за подобрување на физичката функционалност на таквите пациенти – вели професорот О’Рахили.
Научниците досега идентификувале мозочен рецептор што го контролира апетитот, наречен МЦ4Р, а оние на кои им недостига најчесто се дебели.

Дали луѓето ќе растат уште повеќе?

Постои горна граница на висината, а таа се достигнува кога луѓето ќе го достигнат својот генетички потенцијал.
– Факторите, како што се здравјето и исхраната, имаат огромно влијание врз развојот на една личност. Постарите луѓе, генерално, живеат подолго и имаат помали шанси да страдаат од проблеми со срцето, а постои шанса и да бидат финансиски постабилни – пренесува Би-би-си.
Кога децата од посиромашните семејства добиваат доволно храна и калории, тие може да пораснат до висината што ја наследуваат од нивните родители, баби и дедовци, но не повеќе од тоа.
Зголемување на просечната висина меѓу развиените земји бележат Јужна Кореја и Иран, особено кај жените. Сепак, како што пренесува Би-би-си, податоците за растот во последната деценија покажуваат дека луѓето повеќе не растат како порано.
Во моментов, највисоки мажи во светот се Холанѓаните, со просечна висина од околу 182 см, а најниските жени во светот живеат во Гватемала, со просечна висина од околу 140 см.