Во многу делови на светот е ризично да пиете ладен алкохолен пијалак надвор поради каснување од комарци. Но какви се последиците од присуството на алкохол во крвта за самите инсекти?
Како што откри списанието на Американското здружение за контрола на комарците во 2002 година, веројатноста да ве касне комарец драстично се зголемува ако пиете алкохол. Оваа мала студија, во која биле вклучени само 13 испитаници, покажа дека комарците повеќе би сакале да слетаат за да се хранат со оние што испиле едно шише пиво. Никој не е сосема сигурен, но, како што изгледа, комарците повеќе ги привлекуваат оние што пијат.
Веќе е познато дека комарците ги привлекуваат луѓето поради две хемикалии што ги издишуваме: јаглерод диоксид и октанол. Октанолот, секундарен алкохол произведен со распаѓање на линолеинска киселина, е познат и како „алкохол од печурки“, бидејќи е соединение што им дава вкус на печурките.
Но тоа нѐ носи до прашањето дали комарците што се хранат со луѓе што пиеле алкохол и самите се опиваат. И покрај големиот број комарци што се хранеле со пијани луѓе со милениуми, тоа е предмет на доста мал број истражувања.
-Претпоставувам дека одговорот е не, бидејќи нивото на алкохол во крвта ќе биде многу ниско – изјави за „Би-би-си фјучрс“ ентомологот Тања Дапки од универзитетот „Филаделфија“ во Пенсилванија.
Но, ако погледнеме детални научни студии за поврзаноста помеѓу комарците и алкохолот, нема да најдеме ништо повеќе од тоа.

Во неодамнешната статија во списанието „Популар сајенс“, ентомологот Коби Шал од Државниот универзитет во Северна Каролина истакна дека човек што испил десет пијалаци може да има 0,2 проценти алкохол во крвта. Но ако комарец испие крв од тоа лице, последиците би биле незабележливи – комарецот пие толку мали количества што би било како да сте ги разредиле тие пијалаци дваесет и пет пати. Исто така, можно е еволуцијата дополнително да им помогнала на комарците. Секоја течност, освен крвта, прво се насочува кон посебен дигестивен тракт, во кој се разложува со ензими. Затоа, веројатно алкохолот ќе биде неутрализиран пред да стигне до нервниот систем на овој инсект.
Многу возрасни инсекти ги складираат сите сокови што ги внесуваат, а потоа постепено ги испуштаат. Ензимите разложуваат сѐ што е штетно, како алкохолот и бактериите – вели Ерика Мекалистер, виша кустоска за инсекти во Природонаучниот музеј во Лондон.
Мекалистер, која е автор на книгата „Тајниот живот на мувите“, веќе има искуства со влијанието на алкохолот врз овошните мушички, вклучувајќи ја и обичната овошна мушичка, исто така наречена „винска мушичка“. Овие ситни инсекти сакаат расипано овошје полно со алкохол.
Не знам дали комарците можат да се опијанат, но тоа го гледаме јасно кај овошните мушички. Тие се опиваат, но имаат висока толеранција. При помали дози стануваат хиперактивни, а ако им дадете поголема доза, тие едноставно се онесвестуваат – вели Мекалистер.
Комарците се исто така склони кон расипано овошје, кое произведува алкохол за време на ферментација на шеќер. Само женките се хранат со крв за да ги добијат протеините потребни за создавање јајца. Мажјаците и женките исто така се хранат со нектар што го произведуваат цвеќињата, а комарците се меѓу главните опрашувачи и од тој шеќер добиваат енергија за преживување. Овој нектар, исто така, може да ферментира во мали количества алкохол.

Дапки тврди дека тоа што алкохолот нѐ прави попривлечни за нив е интересно прашање. Некои луѓе се попривлечни за комарците поради нивниот генетски состав. Се сметаше дека до 20 отсто од населението има особини што ги спречуваат да бидат каснати од комарци. Една од нив е крвната група: една студија покажува дека комарците ги касаат оние со крвна група нулта двапати почесто од оние со крвна група А. Други фактори на ризик се чини дека вклучуваат висока телесна температура, бремени жени (веројатно поврзани со телесната температура), луѓе со подлабок здив (што емитуваат повеќе јаглерод диоксид) и покрупни луѓе.
Комарците исто така избираат каде ќе ве каснат, во зависност од видот што ве напаѓа. Некои претпочитаат стапала и нозе, додека други повеќе ќе се насочат кон вашиот врат и лице, веројатно затоа што ги привлекува емисијата на јаглерод диоксид од вашиот нос и уста. Но етанолот што го испуштаме преку потта кога пиеме алкохол може да послужи како хемиски сигнал, се наведува во наодите од студијата од 2002 година.
Во сличен проект, овој пат со 18 испитаници од Буркина Фасо, во 2010 година, исто така беше покажано дека комарците ги привлекуваат луѓе што пијат алкохол.
Можно е етанолот во алкохолот што го пиете, оној што го исфрлате во мали количества преку потта, да е знак дека на повидок има оброк. Количеството јаглерод диоксид што го издишувате и температурата на вашето тело немаат врска со тоа колку луѓето се привлечни за комарците. И покрај индивидуалните варијации кај волонтерите, се покажа дека постојаното консумирање пиво е привлечно за комарците – се вели во студијата.