Наскоро Швеѓаните ќе се забавуваат со авантурите на култниот македонски лик Зоки Поки. Десетте епизоди од истоимената ТВ-серија ќе се емитуваат ексклузивно на Шведската национална телевизија (СВТ), односно на нивниот специјализиран канал за детска програма СВТ барн. СВТ, шведскиот еквивалент на МРТВ, е најширокораспространетата телевизија во Шведска и има најголем опсег на програми од сите телевизии во земјата. „Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто програма од овие простори што некогаш се емитувала на оваа телевизија.
Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки ќе зборуваат на шведски, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукација, родова еднаквост, диверзитет и квалитет кон кои се стреми Шведската национална телевизија. Модерната екранизација на саканата детска книга на писателката Оливера Николова, со која израснале многу генерации, е во продукција на „Кинооко“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Десетте епизоди од првата сезона на ТВ-серијата премиерно се емитуваа на првата програма на МРТВ во периодот од мај до јуни 2020 година. Снимањето на втората сезона е сѐ уште во неизвесност, поради недостиг од финансиски средства.
– Многу сум среќен што серијата ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите што ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет.

Со ова се потврдуваат вредноста на вонвременското дело на писателката Оливера Николова и квалитетот на македонските филмски автори. Прикажувањето на серијата на Шведската национална телевизија е голем успех за „Кинооко“ и за македонската продукција. Во преговори сме за прикажување на серијата во Норвешка, Хрватска, Србија и во Словенија. Но, и покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, сепак е неизвесно снимањето на втората сезона. Се надевам дека оваа вест ќе биде дополнителен мотив за финансиска поддршка на втората сезона од серијата – изјави продуцентот Роберт Насков.
За режисерот Александар Поповски, приказната за Зоки Поки во себе има еден по малку заборавен свет на вредности што во нашето детство беа наше секојдневие.
– Една топлина кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет во кој секое дете има некое свое место.

Првата сезона покажа дека публиката и децата ги препознаа овие вредности и дека навистина вредеше да се направи овој проект. Сега многу зависи од сите нас дали оваа идеја ќе продолжи да живее понатаму. Навистина чувствувам потреба да кажам дека ќе биде голема грешка доколку застанеме тука и не направиме вистински серијал од повеќе сезони. „Зоки Поки“ може да биде голема инвестиција не само во телевизискиот туку и во едукацискиот и емотивниот свет, кој толку многу ни недостига – вели Александар Поповски.
Освен Поповски, режисери на серијата се и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата ги напишаа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска. Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.