Знаковните јазици се богати и комплексни исто како и говорните јазици. Лингвистите ги проучуваат знаковните јазици со години, а утврдено е дека тие ги поседуваат сите својства како и говорните јазици.

Ново истражување покажа дека шпанскиот знаковен јазик веројатно е најстариот, или „таткото“ на знаковните јазици.

– Додека еволуцијата на говорните јазици се изучува веќе околу 200 години, истражувањето за знаковните јазици е сѐ уште во развој. Голем дел од она што го знаеме за знаковните јазици потекнува од историските извештаи и контактот помеѓу образовните институции за глуви луѓе. Со студијата сакаме да откриеме како се развиле, еволуирале и прошириле европските знаковни јазици насекаде низ светот – вели Џастин Пауер, првиот автор на студијата.

Знаковниот јазик не е статичен. Исто како и говорените јазици, знаковните јазици имаат различни варијации низ текот на годините, константно се приспособуваат, менуваат, а во некои случаи, тие засекогаш исчезнале.

Научниците на студијата оформиле база на податоци од 40 современи и 36 историски знаковни јазици. Тие ги споредиле нивните поврзаност и разлики, притоа служејќи се со методи од лингвистиката, но и од еволутивната биологија.

– И покрај справувањето со фундаментално различни податоци, аналогиите помеѓу еволуцијата на знаковните јазици и биолошката еволуција се неверојатни – вели Гидо Грим, филогенетичар на тимот.

Истражувачите ги групирале знаковните јазици во пет големи групи, шпански, француски, австриски, британски и шведски, слично на начинот на кој говорните јазици се поделени во групи. Овие јазици се рашириле на подгрупи низ целиот свет, од Исланд до Индија, Бразил и Нов Зеланд, почнувајќи во 1600-те години. Но, од сите нив, шпанскиот веројатно е најстар знаковен јазик.

Студијата покажува дека знаковните јазици се распространиле, но истовремено влијаеле еден на друг. Некои подгрупи досега воопшто не биле проучени, како што е австрискиот знаковен јазик, кој пак, се проширил и во Русија.

Се уште е непознато колку, всушност, знаковни јазици постојат во светот. Се претпоставува дека има околу 300 знаковни јазици. Повеќето земји имаат свој сопствен знаковен јазик. Исто така, во последниве неколку години има одредени напори за нивна унификација.

Знаковните јазици, сепак, се стари. Најстарите податоци за нив се споменуваат во Античка Грција, од страна на филозофот Платон. Со студијата, објавена во „Ројал Сосаети Опен Сајенс“, научниците се надеваат дека подобро ќе ги разберат нивните развој и еволуција.