Се наоѓа на крајбрежјето на Јапонија и во него тамошните морнари страдаат веќе со векови

Ѓаволско Море, кое се нарекува и Змејов триаголник, е дел од Тихи Океан, познат по многубројни мистерии, а многумина го сметаат за посмртоносен од Бермудскиот триаголник. Она што е невообичаено е тоа што исто така формира триаголник, кој се наоѓа точно наспроти Бермудскиот.
Се наоѓа на крајбрежјето на Јапонија и во него тамошните морнари страдаат веќе со векови, најчесто под неразјаснети околности. Покрај тоа, било забележано дека за време на Втората светска војна во целосно нормални временски услови исчезнувале јапонски борбени авиони, големи бродови и повеќе од дваесетина американски подморници.

Со текот на годините, голем број теоретичари на паранормалното претпоставувале за можни електромагнетни нарушувања во областа, како и појава на митски суштества, или временски појави што може да предизвикаат необични несреќи и исчезнувања во Ѓаволско Море.
Помеѓу 1950 и 1954 година, во Тихи Океан исчезнале девет товарни брода, кои имале функционални радиопредаватели. Во моментот на исчезнувањето, временските услови биле мирни и не биле документирани други потенцијални опасности, но само еден брод успеал да упати повик за помош пред да исчезне.

Според легендата, фактот дека не биле пронајдени ниту тела ниту урнатини од бродовите ја исплашил и јапонската влада, која претпоставувала дека во Ѓаволско Море се случуваат работи врз кои луѓето не можат да влијаат.
Поморскиот аналитичар Лери Куше по разговорите со јапонски научници и поморски истражувачи заклучил дека единствената опција за уништување на толку големи, добро опремени и стабилни бродови е „вулкан или цунами“. Експертите тогаш ја нарекле областа Ма-но Уми, или Ѓаволско Море.

Според извештајот на „Њујорк тајмс“ во 1952 година, бродот „Тоши-Мару“ од шеесет тона, исчезнал во Ѓаволско Море, на ист начин како што претходно исчезнал бродот „Каијо-Мару“. Тогаш се сметало дека бил проголтан од „вулканска експлозија“.
Бродот што бил испратен да го истражи случајот исто така исчезнал. Јапонската влада морала да реагира, па затоа во 1952 година испратила брод во областа за да открие што се случило. Она што се случило е навистина бизарно – бродот и сите членови на екипажот мистериозно исчезнале и им била изгубена секоја трага.
Според „Сајентифик американ“, подморските вулкани се наоѓаат на 37.000 милји во океанот, исфрлаат лава, јаглерод диоксид и други елементи. Поради нивното непредвидливо однесување, тие мора постојано да бидат следени од морските геофизичари.

Постоењето на овие вулкани често се споменува во античкиот фолклор, каде што се прикажани митски суштества што демнат под морето, претворајќи ги мирните води во убијци и земајќи бродови од овој свет. Змејовите се вообичаени во јапонската митологија, па, така, и во оваа приказна им се припишува моќта на владеење со Ѓаволско Море и управувањето со вулканите.

Поради необјаснивите појави, Ѓаволско Море е една од областите во северната хемисфера што научниците уште ја нарекуваат и силен вител, а такви витли има десетина во светот. Овие витли се всушност аномалии, региони каде што електромагнетната активност не може да се објасни. Поради ова, компасите и радијата се распаѓаат, но тоа сè уште не го објаснува исчезнувањето на трагите.