На годинашниот 12-ти меѓународен филмско-музички фестивал „Кустендорф“, „златното јајце“ за најдобар филм му припадна на швајцарскиот филм „Полн пансион“ (All Inclusive), на режисерката Корина Швингрубер Илиќ.

Во конкуренција на 21 филм, втората награда – „сребреното јајце“ отиде кај Огњен Петковиќ за филмот „Есенски валцер“ (во копродукција на Србија и САД), а третото – „бронзено јајце“ – за Микел Сторм Гломстејн и норвешкиот „Сортирање“.

Специјални признанија добија Саша Карановиќ за филмот „Костакурта (Бајка за Сатанкрајина)“ (БиХ) и Иларио ди Карло за „Божествен пат“ (Германија). Емир Кустурица ја прими наградата за севкупен придонес, признание чиј прв добитник беше Нелсон Мандела.

Гости на фестивалот беа актерите: Мет Дилон, Серџо Лопез, Марчело Фонте, Адријано Тардиоло и Лука Чиковани, режисерите Давид Елхофен, Дамијано и Фабио Диноченцо и продуцентот Андреа Гамбета.

Специјални награди им беа доделени на Серџо Лопез и на Славко Штимац.