Кавалџијата Ангеле Димовски, еден од најпознатите во традицијата на македонската музика, е годишен добитник на „златна бубамара“ за животно дело што ја доделува академијата на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која ќе се одржи утревечер во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Димовски настапувал во повеќе европски земји, но и во Австралија, Канада и во Јапонија. Познат е по своите изведби на народна музика, а со својот кавал имаше голем придонес и кон статусот на албумот „Свјат Dreams“ на групата „Мизар“, како едно од класичните дела во историјата на современата македонска музика.

Роден е во 1948-та во музичко семејство, во кое се негувало свирењето на кавал, гајда, зурла и на тапан. Повеќе од пет децении Димовски е вклучен во широк опсег музички активности, 40 години поминал во РТС како член на Оркестарот на народни инструменти, во еден период и како негов раководител. Има снимено повеќе од 10.000 минути различен музички материјал.

Традицијата во семејството Димовски продолжува и денес, преку семејниот оркестар „Шарен кавал“, во кој учествуваат сопругата, ќерката и двата сина, кои настапуваат и во групата „Синтезис“.