Секоја власт ја третира сатирата како опозиција – нека ја има ако мора, ама гледај да ја нема, што не проаѓа кај „Златна бубамара“ со децении, а не па во сегашно време, вели Ранко Петровиќ

И во вонредни услови, во „ненормално“ време, „Златна бубамара на популарноста“ ја понуди својата доза хумор и емоции, што влијаеше ефикасно на расположението на гледачите пред ТВ-екраните.
Внимателно склопена по сценарио и режија на Ранко Петовиќ, повторно успеа да даде надеж и светлина и во ова пандемично време.
Од димот се појави првиот џедај Ранко Петровиќ, кој беше најавен како човек што нема намера да лежи во Владата, Шутка, Идризово и на Инфективна, неговото појавување во преполна сала ги зовре социјалните мрежи кај сите љубители на кромид-вести, кои со право реагираа кога видоа дека салата е преполна со луѓе на трибините и дека почнува големиот пандемиски спектакл. Потоа Игор Џамбазов ја отвори „Бубамара“, со убав воведен говор.
Многу лица ја заслужија статуетката оваа година, многу емоции иницира годинешната „Бубамара“ и, како и по обичај, успеа да го задржи фокусот на гледачите до самиот крај.
Шармантните ликови од „Дајте музика“ ја освоија статуетката за најпопуларна детска ТВ-емисија. Додека „Светот на Биби и Боби“ заслужено ја доби наградата за детска анимирана серија. Признанието за најпопуларна едукативна програма припадна во рацете на „Пет + фамилија“ за ТВ-училница – ОХО.
„Хладно пиво“ без дилема ја доби „бубамарата“ за оптимистички пандемиски хит „Ово ќе проќи“, а за пандемиски хит беше прогласена „Корона, чао“ на Александар и Дац.
Статуетката за карантински концерт ја добија „Бајага и инструктори“, а за рок-хит ја доби „Корона хит позитивен“ на „Забрањено пушење“ и Елвис Џ. Куртовиќ.
Наградата за глума, сатира и трајни вредности ја доби Драгољуб Љубичиќ-Миќко. А за спортски коментатор Тони Стојановски, кој ја воодушеви Македонија и чиј говор уште нѐ ежи.

Спортски народни херои убедливо годинава се играчите на фудбалската репрезентација на Македонија.
„Преспав“ ја доби титулата најпопуларен ТВ-проект, а „Зевзекманија“ за најхумористична ТВ-емисија.
Влатко Стефановски го доби признанието „албум на годината“ за „Тафталиџе шафл“, а наградата за музичко карантин-шоу им припадна на членовите на „Дубиоза колектив“.
Песна на годината е „Ето пјесма“ на Раде Шербеџија. Наградата за кавер-албум ја доби Биба Додева за „Незаборавени“, а за музички продуцент Мите Димовски.
Статуетката „бубамара“, пак, за трајни музички вредности овој пат заврши во рацете на Рамадан Шукри.
Иако подготвена во согласност со препораките за заштита од вирусот – виртуелно, без собирања, под маски и на дистанца, 24-та „Златна бубамара“ повторно резултира со голема тричасовна забава, со учество на голем број гости од земјава и од регионот, со многу смеа, музика, награди и неопходна доза иронија, под мотото „Ќе го преживееме и ова!“.
– По неизвесната и мачна 2020 година, во која кафеаните и училиштата работеа со скратено, а лекарите и инспекторите со продолжено работно време, „Златна бубамара“ годинешното вонредно пандемиско издание им го посвети на лекарите и на другиот медицински персонал, кои годинава беа вистинските херои на новото време. За прегледот на 2020-та беше тешко да се обезбеди сатиричен поглед, зашто пандемиските состојби и начинот на кој тие ни ги сменија животите ја надминаа секоја смисла за добар хумор – и црн и розов. Политичките елити и нивното неснаоѓање со секојдневните предизвици продолжија како и пред две и пол или пред 15 години, па и тука беше тешко да се најде нешто ново и досега некажано. А сатирата кај нас, иако омилена, одамна веќе не е поддржана уметност. Секоја власт ја третира сатирата како опозиција – нека ја има ако мора, ама гледај да ја нема, што не проаѓа кај „Златна бубамара“ со децении, а не па во сегашно време – информира Ранко Петровиќ.

Точките на Коцев и Џамбазов, иако „вчерашни“, дејствуваа како актуелни и свежи.
Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски како нова бубамара-генерација се покажаа како брилијантни коментатори и предизвикаа смеа со нивното сатирично коментирање на политичката елита, што предизвика еуфорија на празните трибини.
– За жал, во блокот за сеќавање на починатите, емоциите нѐ однесоа на друга страна. Игор Џамбазов ги спомна нивните имиња, а архивските снимки ги нанижаа големите уметници и бубамара-другари. Бранка Станковска го најави Зоран Џорлев како почеток на 9-от конгрес на „Бубамара“, како што звукот на виолината почна да нѐ расплакува, маестро Џорлев се појави во друштво со Драган Вучиќ, како си ја пеат неговата „Свирете ја зајди зајди“. Потоа следуваше споменот за диџеј Ицко, па архивска снимка од Зафир Хаџиманов од 2004 година, кога ја добива наградата за животно дело. А Џамбазов маестрално ja отпеа „Браколомац“ на Ѓорѓе Балашевиќ – додава Ранко.
Мотото на пандемиската „Златна бубамара“, „Ќе преживееме“, е желба повторно да ја наполниме салата „Борис Трајковски“ во некое следно издание на „Златната бубамара“, ако може уште в година.