Ќе се пеат нови песни, но и познати хитови со кои во изминатите 50 години израснаа многу деца во нашата земја

„За сите деца“, „Дувна ветре развигорче“, „Никола, Никола“, „Ех, тој Тоше“, „Рингишпил“, „Ах, тој крокодил“… се само некои од песничките што ќе бидат изведени во недела, во 11 часот, на големиот паркинг пред СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Тоа ќе биде првата распеана средба со која фестивалот „Златно славејче“ го почнува одбележувањето на својот голем златен јубилеј – 50 години постоење.
Фестивалот, кој првпат се одржа на 23 мај 1971 година во Драмскиот театар во Скопје, чии творци се Благоја Јордановски, тогашен секретар на Советот за грижи и воспитување деца на Град Скопје, поетот Васил Пујовски и композиторот Александар Џамбазов, целата оваа година со низа активности ќе го прославува својот голем јубилеј.
– Во согласност со актуелната состојба, се решивме да направиме фестивал на отворено малку порано од вообичаено, поради временските услови во ноември. Сепак, се надевам дека и манифестацијата ќе наиде на добар прием кај децата, кои ќе слушнат десетина нови детски песнички, но и некогашните големи фестивалски хитови. Поканивме и многу гости, па, така, освен славејчињата, песни ќе пеат и Александар Митевски и Бени Шакири, кои ќе ги слушнеме со „Скопје, граду мој“, момците од „Некст тајм“ ќе нѐ потсетат на песната со која пред многу години настапија на фестивалот – „Фудбалер и кошаркар“, „Тика така“ ќе ни ја испее Лора, а Татјана Станева ќе нѐ потсети на песничката „Владо црта сонце“, со која таа настапи на „Златно славејче“ пред 18 години. Таа сега е мајка, но и магистерка, успешна бизнисменка и секоја година помага во подготовките околу одржувањето на фестивалот – најавува Бобан Јосифовски, кој цели 26 години, како секретар на Советот за грижи и воспитување деца на Град Скопје, се грижи „Златното славејче“ да се одржи на радост на децата во нашата земја.

Јосифоски дополни дека се подготвуваат уште многу интересни средби со славејчињата во текот на оваа славеничка година.
– Фестивалот под ведро небо е само почеток на одбележувањето на 50-годишнината на најстариот и најзначаен детски фестивал во земјава, каде што своите почетоци ги имаа голем број познати македонски пејачи, музичари, актери, меѓу кои се: Тоше Проески, Калиопи, Симон Трпчевски, Влатко Илиевски, Маја Грозданова-Панчева. Планираме да издадеме цеде со 50 детски хитови за 50 години „Златно славејче“, а на 23 мај идната година ќе се одржи и свечена академија, токму на денот кога почна оваа успешна музичка приказна, во која децата уживаат веќе половина век – ни откри дел од плановите за одбележување на јубилејот Јосифовски.

Фестивалот ќе го снима телевизијата 24 вести, а водител и годинава ќе биде шармантниот Марко Невевски. Поради почитување на мерките за безбедност, бројот на присутните на манифестацијата ќе биде ограничен.
– Се потрудивме за безбедно другарување според сите услови и протоколи што ни се на располагање. Билетите се во ограничен број, по достапна цена, а може да се набават преку сајтот и продажната мрежа на www.mktickets.mк, како и на касата на „Универзална сала“ – велат организаторите на настанот.